„Независен весник“ повеќе нема да излегува бесплатно
Од денес „Независен весник“ ја менува формата, ја збогатува содржината и го зголемува бројот на страниците, во обид да одговори на барањата на своите читатели со тоа што повеќе нема да се дели бесплатно, а цената по број ќе изнесува 10 денари.
„Независен весник“ во текот на петте месеци од своето излегување беше дистрибуиран бесплатно. Целиот тираж се делеше уште во раните утрински часови, така што не можеше да стигне до многу од нашите читатели. За да се реши овој проблем и секој читател да може да го добие весникот, одлучивме „Независен“ да стане достапен на сите продажни места во Македонија. Но дистрибуцијата на весникот, заедно со повеќето страници, ги зголемува трошоците. Поради оваа причина, принудени сме да го продаваме весникот. Во еден тежок период за печатените медиуми решивме цената да биде прифатлива и да не биде товар на нашите читатели. Затоа се определивме за цена од 10 денари за еден примерок, информираат од весникот.
