Незапаметен удар врз демократијата: Пратениците ќе го менуваат прагот за потписи откако почна собирањето, реагираат независните
Изборниот законик ќе се менува штом пратениците се вратат од одмор на 17 август. Ваква информација добиле независните кандидати кои информираат дека со измените ќе се покачи прагот за потребни потписи среде почнат процес за собирање потписи за локалните избори таму каде што има најавено независни листи. Велат дека менување на правилата кога процесот за собирање потписи е почнат е вовед во диктатура на партизмот која не смее да се дозволи.
„Прагот од 1 отсто не е нималку наивна ниту демократична бројка. Тоа во комбинација со исклучително бирократизираниот процес преполн со административни пречки, за најавените независни листи значи енормно зголемување на потребните потписи, кое е најизразено за Град Скопје. Наместо досегашните 1.000 потписи, за Град Скопје со најавените недемократски измени на Изборниот законик ќе бидат потребни речиси 5.000 потписи. За споредба, на последните локални избори (2017 г.) советничко место во Град Скопје се добивало со 5.700 гласови, велат од Зелен хуман град, поддржани од други независни кандидати.
По општини, велат, бројките се следни: Центар од 250 на 435, Карпош од 350 на 539, Гази Баба од 350 на 618, Град Скопје од 1.000 на 4.613, Тетово од 350 на 829 и Битола од 350 на 818.
„Но не е само зголемувањето на потребниот број на потписи проблематично во новите измени. Проблематични се и измените со кои наместо на сите учесници во изборниот процес да им се обезбеди фер и еднаков пристап за рекламирање, тој простор е максимално ограничен за „помалите“. Со измените, предност во користење на медиумска поддршка во изборната кампања ќе имаат четирите најголеми партии (дури 90%), а за останатите, во кои спаѓаат и независните советнички групи, е определена рамка од само 10%. Посебно проблематично е и менувањето на членот 67 со одредба која за првпат се воведува од независноста на земјава. Со измената ќе може дури и по целиот успешно поминат процес на собирање потписи, еден човек од листата да се откаже и со тоа целата листа да пропадне, односно да нема право да учествува на изборите, па макар се собрале и 10.000 потписи, стои во нивното соопштение.
„Информациите од ДИК кои ги добиваме од другите граѓански иницијативи кои исто така излегуваат на овие избори со свои независни листи, не ни се совпаѓаат секогаш, па имаме какофонија од различни информации. Згора на сè, добиваме неофицијални информации дека партииве ќе го менуваат Изборниот законик откако ќе се вратат од одмор пратениците, некаде 17 август, среде почнати рокови и постапки. Никакви правила не важат, деловници, Устав, конвенции, препораки на ОБСЕ, Венецијански комисии, ништо. Какви права, каква демократија“ вели Татјана Чакулев од Независни за Карпош - За заштита на Карпош.
