Економија, финансии, бизнис

Контакт

НЕЗАКОНСКА ИСПЛАТА НА ПЛАТИ, СЛАБА ЕВИДЕНЦИЈА НА ЛЕКОВИ – Ревизорите бараат доследност во работењето на Торакална

НЕЗАКОНСКА ИСПЛАТА НА ПЛАТИ, СЛАБА ЕВИДЕНЦИЈА НА ЛЕКОВИ – Ревизорите бараат доследност во работењето на Торакална

Со контролата спроведена на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија од страна на Државниот завод за ревизија (ДЗР) откриени се слабости во работењето. Проблематични се исплатите на плати, нема соодветна евиденција на лекови, спорни се и јавните набавки,па дури има пропусти и во организацијата на работата и управувањето со медицинските залихи.

Ревизорите при ревизијата на сметката за средства од Фондот и на сметката на средства на сопствени приходи за 2024 година утврдила дека има неправилности во начинот на евидентирање и следење на потрошувачката на лекови и медицински материјали, како и во усогласеноста со законските прописи.

Според наодите, документите врз основа на кои се евидентира потрошувачката на залихите на лекови и медицински потрошен материјал не се соодветно потпишани и одобрени од одговорните лица во организационите единици. Ова не е во согласност со Законот за сметководството на буџетските корисници, кој пропишува дека деловните книги мора да се засноваат на веродостојни и уредни документи.

Констатирано е и дека не е обезбедено навремено евидентирање на потрошувачката на залихите, при што на 31 декември 2024 година еднократно е евидентиран трошок во износ од 100.589 илјади денари, иако материјалната евиденција се водела на дневно ниво. Ова е спротивно на законските одредби кои бараат евиденциите да овозможуваат јасно следење на состојбата и движењето на средствата.

Дополнително, кај дел од медицинските материјали за хируршки интервенции е утврдено дека не се евидентирале приемот и потрошувачката во моментот на настанување. Материјалите биле испорачувани без утврдена вредност, во период кога не бил склучен договор за јавна набавка, а сметководствено се внесувале подоцна, по добивање фактури. Ова довело до неусогласеност на евиденциите, при што трошоците во материјалната евиденција е за 15.492 илјади денари повисок од евиденцијата по пациент.

Во извештајот се наведува дека ваквата практика се применувала до август 2024 година, со образложение за обезбедување континуитет во работата на клиниката, во услови на истечен договор за јавна набавка и ограничена конкуренција.

Утврдени се и неправилности во делот на медицинските гасови, каде набавки во износ од 5.139 илјади денари се реализирале преку централен систем за снабдување, но фактурирањето се вршело по „кислородно место“, наместо врз основа на реално потрошени количини. Поради тоа, не е обезбедено соодветно следење на залихите ниту нивно правилно евидентирање во сметководствените книги.

Според наодите, ваквиот начин на евиденција влијае на точноста на податоците во билансот на состојба и не овозможува целосен увид во движењето и состојбата на залихите.

Ревизорите со забелешки и за начинот на кој е организирана прекувремената работа на клиниката. За прекувремена работа на 75 вработени биле исплатени 82.930 евра, но ревизијата утврдила дека целиот процес се одвивал без преходно донесена одлука на одговорното лице и без задолжително известување до Државниот инспекторат за труд. 

Според ревизорите, организирањето и исплатата на прекувремената работа се вршела на крајот на месецот врз основа на листи доставени од раководителите на одделенијата, што е спротивно на законот. 

Дополнителен проблем утврдиле кај ангажманите со договор на дело, при што на 24 работници незаконски им биле исплатени 88.268 евра.  Кај дел од нив е констатирано дека биле исплатени надоместоци повисоки од износите предвидени со договорите. 

Според ДЗР, дополнителните исплати биле правдани со интерни пресметки за работа во празници и за дежурства, што не е целосно усогласено со основните договори за ангажман.  Ревизорите утврдиле и дека во периодот од јануари до март 2024 година, биле ангажирани 2 до 5 повеќе работници отколку што дозволило Министерството за финансии. 

-  Воспоставениот начин на утврдување и исплатување на надоместоците по договорите за дело не обезбедува доследно почитување на договорните и законските основи, создава ризик од субјективен пристап при утврдување на висината на надоместоците на ангажираните лица и влијае на рационалното користење на буџетските средства - се наведува во извештајот. 

П.О.

Слично

Поврзани вести