НЕВРЕМЕ ВО МАКЕДОНИЈА: Во град на југозападот наврнаа 28 литри на метар квадратен
Повеќе градови во Maкедонија попладнево се зафатени со невреме, а најмногу дожд до 16 часот наврна во Охрид.
Во градот Охрид имаше невреме со обилен пороен дожд, грмежи и засилен ветер каде наврнаа 28 литри на метар квадратен.
Попладнево под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса беа североисточните и југозападните делови од земјава, каде што на повеќе места имаше пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Така нестабилноста беше поинтензивна во регионот на Куманово и Крива Паланка, Пелагонија и Охридскиот Регион, велат од УХМР.
Во Скопскиот Регион зафатени се само северните делови каде што имаше локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Пороен дожд и грмежи имаше и во Струмичкиот Регион. Нестабилната облачна маса се движеше од североисток кон југозапад. Во останатите делови од земјава преовладуваше сончево и топло време со умерена облачност и со слаб северен ветер.
До крајот на денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб северен ветер. Локално во планинските подрачја можна е појава на краткотраен дожд и ретки грмежи. Во текот на ноќта времето ќе биде ведро со мала облачност и со слаб ветер од северен правец.
Времето утре ќе биде претежно сончево, попладне во планинските подрачја на места облачноста ќе се зголеми. Вредноста на УВ-индексот ќе биде 8 . Температурата ќе се движи од 10 до 19 степени во утринските часови, а дневната највисока температура на воздухот ќе се движи во интервалот од 29 до 36 степени.
Во главниот град ќе биде претежно сончево и топло со слаб до умерен североисточен ветер. Температурата ќе се движи од 15 до 35 степени.
В недела и во почетокот на следната седмица во попладневните часови ќе има појава на локална нестабилност со пороен дожд и грмежи.
