„(Не)скриени актери во Македонија потпалуваат омраза меѓу Скопје и Софија“: 360 степени со анализа на фејсбук-страници кои објавуваат слични содржини
Повеќе интернет-портали и фејсбук-страници на македонски јазик кои се дизајнирани да наликуваат на медиумски редакции од земјава се, всушност, експозитури на бугарската Фондација „Македонија“ на контроверзниот Виктор Стојанов. Речиси 140 илјади профили ги следат овие страници само на Фејсбук, пишува „360 Степени“.
Согласно нивното истражување, најголем дел од содржините пласирани во мрежата на портали и страници на социјалните медиуми се вообичаени, но дел се презентирани на начин што предизвикуваат жестоки дебати за односите меѓу Македонија и Бугарија, за односите меѓу Македонците и Албанците и слично.
Воедно го пренесуваа тставот на аналитичарот Димитар Николовски кој објаснува дека зад ваквите операции стојат геополитички играчи кои не сакаат интеграција на Македонија и Западниот Балкан во ЕУ. Земја со најсилен таков интерес, според него, е Русија.
Од редакцијата со детални видеа и принтскринови пренесуваат објави од фејсбук страните, каде може да се види дека изгледаат речиси идентично бидејќи овие пет фејсбук-страници објавуваат речиси идентични видеосодржини.
Како што објавуваат, фејсбук-страниците за кои станува збор се: Вестимак.мк, Вестимк.мк, 24мк.мк, Мк24.мк и Утре.мк. Потенцираат дека на овие страници, не им се заеднички само видеосодржините.
Според јавно достапните податоци на Фејсбук, сите наведени страници се креирани во временскиот период помеѓу јануари и јули 2023 година. Вестимак.мк е креирана во јануари 2023 г., Вестимк.мк во јуни 2023 г., а другите три на ист датум – 11 јули 2023 година.
Следниот заеднички именител им е што, според информациите на Фејсбук, сите овие страници се управуваат од странство.

Попрецизно, ги управуваат три профили од соседна Бугарија и еден профил од Македонија. Фејсбук не открива за кои профили конкретно станува збор, пренесува „360 Степени“
Тие исто така укажуваат дека споменатите фејсбук-страници споделуваат и содржини од една веб-страница која не е регистрирана во земјава. Станува збор за vestimak.com. Проверките покажаа дека е регистриран во Бугарија. A, на адресата на Фондацијата „Македонија“ во Софија, на улицата „Брезите“ бр. 3 постои трговско друштво со истото име како и интернет и фејсбук-страницата – vestimak ltd.
Фирмата vestimak ltd. има осум сосопственици. Еден од нив, со 25% е основачот на Фондацијата „Македонија“ – Виктор Стојанов. Станува збор за бугарски државјанин кој уште од 2022 година има забрана за влез во земјава.
Многу повеќе на „360 Степени“.
Фото: Принтскрин/Фејсбук
