Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Неправедни обвинувања, закани и притисоци“: Чулев ја доби судската битка за одземениот безбедносен сертификат и отпуштање од работа

„Неправедни обвинувања, закани и притисоци“: Чулев ја доби судската битка за одземениот безбедносен сертификат и отпуштање од работа

Поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање и министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, објави дека по повеќегодишната судска битка, во која, како што наведува, судовите јасно утврдиле дека одземањето на неговиот безбедносен сертификат и отпуштањето од работа биле незаконски и политички мотивирани. 

- Денес ви се обраќам не само како Наќе Чулев, поранешен директор на Агенцијата за разузнавање и министер за внатрешни работи, туку пред сè како човек и родител кој помина низ години на понижување, клевети и неправда.

Со години бев цел на организирана кампања на дезинформации и политички прогон од претходната власт. Незаконски ми беше одземен безбедносниот сертификат и незаконски бев отпуштен од работа. По долга и исцрпувачка борба, судовите во Македонија тоа јасно го утврдија и го запишаа во своите пресуди - напиша Чулев во објавата на социјалните мрежи.

Тој додава дека поминал „години на јавно понижување и дискредитација, медиумски конструкции и лажни наративи, како и силен притисок врз моето семејство и децата“. 
Чулев потенцира дека како човек кој речиси 25 години чесно служел во безбедноста на државата и соработувал со меѓународни партнери, одеднаш бил прогласен за „безбедносен ризик“ – не поради дело, туку поради политичка одлука и затоа што јавно зборувал за корупцијата и аномалиите во системот.

- Ќе бидам искрен – тоа беше период кога човек лесно може да се скрши. Неправедни обвинувања, закани и нехумани притисоци, рушење на угледот и болката кога твоите деца трпат за нешто за што не се виновни, се исклучително тешки. Но, правдата, колку и да е бавна, со вера и истрајност, сепак доаѓа.

По долгите судски процеси, судовите утврдија дека одземањето на безбедносниот сертификат и моето отпуштање биле незаконски, дека целата конструкција била неправична и политички мотивирана, а против сторителите е поднесена кривична пријава за злоупотреба на институциите, за која очекувам институциите да постапат, а сторителите да одговараат - нагласува Чулев.

Потоа појаснува дека оваа објава не ја пишува за освета, ниту за саморекламирање, туку за вистината да биде јавно запишана. 
- Да се знае дека човек може да биде понижен, но не мора да биде скршен; дека може незаконски да му се одземе работната позиција, но не и достоинството, искуството и знаењето; и дека вистината, иако привремено сокриена, секогаш излегува на виделина.

Ова не е само моја приказна. Многу луѓе и денес водат битки по судови за да ја докажат својата невиност и да ја вратат честа и професионалниот интегритет. Тоа е симптом на поширок проблем – политички прогон и злоупотреба на институциите кои ја разоруваат довербата во државата и ги уништуваат семејствата - нагласува Чулев и додава дека ќе продолжи да се бори за општество во кое никој нема да биде гонет затоа што мисли поинаку, во кое институциите нема да бидат алатка за политички прогон и во кое честа, професионалноста и интересите на Македонија ќе бидат пред сè.


Слично

Поврзани вести