Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ненаучени на пркос: Случајот на Стојко Пауновски

Ненаучени на пркос: Случајот на Стојко Пауновски


Лавина реакции за најавеното разрешување на актуелниот директор на Државниот пазарен инспекторат се ширеа вчера попладнето на социјалните мрежи. Малкумина беа тие кои не застанаа во одбрана на храбриот Стојко Пауновски кој, како што е познато се спротистави и рече дека нема да го потпише решението за прием на сите 35 рамковно вработени, бидејќи како што смета тие немаат несоодветни квалификации за тие места. Премиерот Зоран Заев два дена по ред во јавните изјави остана на ставот дека Пауновски не смее да го прави тоа. Рече дека е недозволиво што се спротивставува на претпоставени и направил пркос кој не е дозволен.

Заев најави разрешување, а вицепремиерите Артан Груби и Љупчо Николовски вчера попладнето објаснија во изјава зошто Пауновски не треба да прави отпор со образложение дека за овие луѓе, институцијата нема да исплаќа плати оти тие веќе земаат.

Сепак јавноста не го смени ставот и остана цврсто на тврдењата дека Пауновски постапува правилно. За неговата професионалност сведочеа и вработени во Инспекторатот кои рекоа дека бараат итно средба со премиерот Зоран Заев, на која ќе побараат од него да ја преиспита најавата за смена на Пауновски.

Нема најава кога и дали би се побарало разрешување на Пауновски. Тој вчера не се произнесе и не коментираше. Остана впечатокот дека овде во земјава не сме научени на пркос. 

Овој случај по којзнае кој пат како шлаканица кон сите нас ја удри реалноста дека повеќе молчиме отколку што сме гласни и тогаш кога сме во право. Полесно е да се потчиниме, како што тоа го прават и правеа претходно сите партиски директори, министри, инспектори затоа што тие на функцијата дошле благодарение на партијата. Дека тоа треба да ги замолчува се слушаше и вчера. Можеби тивко, затоа што „херојството“ на Пауновски е толку несекојдневно што заборавивме дури и на високиот број починати вчера, на разлутените пратеници кои очекувале Фајзер, а добиле Спутник вакцина. 

Ги заборавивме и случаите на Рашковски и фактот дека се избраа обвинители кои и претходно биле на некој список познат уште пред гласањето. На него не се најде обвинителката Ленче Ристовска која пак беше една од светлите точки во Специјалното јавно обвинителство. Нејзината разочараност нема да ја збрише нејзината храброст. Можеби некогаш ќе има правда и за неа, па и за Стојко Пауновски. 

Ако не се заборави се за два -три дена.

А.Т. 

Слично

Поврзани вести