Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ненад Савески, државен јавен обвинител: Човечноста ми е најважната вредност - сѐ додека ја носиш во себе, не можеш да го изгубиш чувството за правда

Ненад Савески, државен јавен обвинител: Човечноста ми е најважната вредност - сѐ додека ја носиш во себе, не можеш да го изгубиш чувството за правда

Додека го чекав Ненад Савески, државниот јавен обвинител, во мене постоеше мала доза на нелагодност. Несвесно создадов слика дека интервјуто ќе биде формално, дека ќе пристигне со обезбедување, службен протокол и неизбежната дистанца што ја носат високите функции. 

Наместо тоа, пред мене застана човек облечен лежерно, со насмевка и едноставност која веднаш ја разби секоја предрасуда. Без помпа, без потреба да ја нагласува функцијата што ја извршува, објави Женски магазин.

Во првите моменти си помислив дека топлиот пристап можеби се должи на нашата заедничка гостиварска нишка. 

Но, колку повеќе разговаравме, толку повеќе сфаќав дека тоа е негов природен начин на комуникација, смирен, непосреден и внимателен кон соговорникот. Она што ми остави впечаток беше начинот на кој пристапуваше кон секоја тема. Без разлика дали зборувавме за правото, семејството, верата, уметноста или секојдневните животни ситуации, одговорите беа промислени и отвораа простор за размислување за човекот зад функцијата. Кај него сериозноста на професијата не ја потиснала човечноста. 

Напротив, остава впечаток на човек кој ја носи одговорноста на функцијата со достоинство, но не дозволува таа да стане поважна од личните вредности. Пред официјалниот разговор, низ неформалниот дел од средбата, открив една поинаква страна поврзана со неговиот однос кон духовноста, значењето што го има Света Гора во неговиот живот, личните уверувања и начинот на кој гледа на луѓето и светот околу себе.

Затоа, овој разговор го објавуваме токму денеска (22 јули), на неговиот јубилеен 50. роденден, како средба со човекот зад функцијата.

ЖМ: Дојдовте без обезбедување, што искрено ме изненади. Во јавноста често постои перцепција дека високите функции создаваат дистанца меѓу носителите на институциите и граѓаните. Како гледате на таа граница меѓу функцијата што ја носите и човекот што сте приватно?

- Во суштина не може да се стави јасна граница помеѓу тоа каков човек би бил приватно или на функција, бидејќи невозможно е тие две улоги да не се испреплетат во одредени ситуации. Можам да кажам дека една од причините поради која немам лично обезбедување е токму фактот што не сакам дистанца помеѓу мене како носител на оваа функција и граѓаните. Се чувствувам како дел од граѓаните и безбеден меѓу нив, а мојата функција ја доживувам како сервис на народот, односно самата институција со којашто раководам во својата основа постои за да го штити интересот на граѓаните, нивните права и слободи. Со самото тоа што оваа функција е јавна, приватноста во голем дел е предмет на јавниот интерес, поради што и во своето приватно и професионално однесување практикувам да ги применувам етичките стандарди како општествени вредности. Тоа се однесува како на општо прифатените етички норми, така и на професионалните норми.

ЖМ: Карактерот, начинот на кој ги гледаме луѓето и вредностите по кои се водиме најчесто се создаваат во најраните години. Вашите корени се во Гостивар, град познат по различностите, соживотот и заедничкото живеење. Кога денес ќе се навратите на детството и младоста, кои спомени најмногу ве обликуваа и колку таа средина влијаеше врз вашето чувство за правда, почит и човечност?

- Да, моето детство и најголемиот дел од животот досега сум го поминал во Гостивар. Во тие години градот имаше богат културно-уметнички и спортски живот, кој секако се одрази и врз мојот развој. Гостивар важи за еснафски град, во којшто основа на живеењето е почитта кон комшиите, пријателите и роднините. Но, позната е и гостопримливоста по која што е препознатлив и поради таквата природа на гостиварци потекнува и името на овој град. Во вашето прашање содржан е зборот „соживот“ кој иако е општо прифатен, за мене е неприфатлив, бидејќи поадекватен сметам дека е „заедничко живеење на гостиварци“ без оглед на вера и националност. Тоа секојдневие во разликите го живееме заеднички, а не паралелно едни со други. Инаку, со ова прашање ме вративте во периодот на тинејџерството каде што се сеќавам дека Вие бевте водител на локалното радио „Супер Нова“ и не можам да го заборавам моментот кога ја рецитиравте поемата „Мечтаам“ од Тагоре, која до ден денес е моја омилена. Така што и Вашите активности како водител имале одраз врз мојот културен развој. Во тој период, Гостивар важеше и за град во кој има забавен ноќен живот, со дискотеки кои што беа познати и често посетувани од гости од други градови. Тогаш ја имавме привилегијата, благодарение на „Авалонците“, да уживаме во гостувањата на познатите екс-ју ѕвезди, претставите на гостиварскиот театар, КУД „Браќа Гиновски“ и натпреварите на кошарскиот клуб КК „Гостивар“. Уште од најрана возраст кај мене постоеше силно чувство за правда, почит и човечност. Со такви вредности бев воспитуван од моите родители. Најважно е во себе да се негува човечноста, бидејќи сѐ додека ја носиш во себе, не можеш да го изгубиш чувството за правда и правичност.

ЖМ: Функцијата државен јавен обвинител носи огромна одговорност и постојан притисок. Како се носите со тежината на одлуките што влијаат врз човечки судбини и што е, според вас, најважно за правосудството повторно да ја заслужи довербата на граѓаните?

- Како носител на оваа функција секако дека сум свесен за значењето и одговорноста што ја носи оваа позиција. По својата природа оваа функција е менаџерска и раководна, така што моја задача е да создадам услови и атмосфера во која останатите јавни обвинители ќе носат одлуки со кои што ќе бидат задоволени очекувањата на граѓаните и остварена правдата. Она што е најважно е граѓаните да веруваат во постапувањето и одлучувањето на јавните обвинители, а тоа може да се постигне само преку транспарентност и отчетност за одлуките што ги носи секој јавен обвинител. Затоа како државен јавен обвинител ја зајакнувам токму политиката на транспарентност како еден од начините за враќање на довербата во оваа институција и преку која се образложуваат постапките и одлуките на Јавното обвинителство. Но, во сето тоа не би можел да успеам доколку ја немам поддршката од колегите за кои што силно верувам дека со нивното секојдневно постапување и одлучување, како и однесување во обвинителството, во судница и во секоја прилика јасно демонстрираат дека се водиме од заедничка цел. Тоа е да покажеме резултати во борбата против криминалот преку гонење на сторителите на кривични дела и во остварување на целите на казнувањето. Да упатиме јасна порака дека криминалот е неисплатлив и дека никој не може да задржи нешто што противправно стекнал, а секое противправно однесување не може да остане несанкционирано. Но, секако, остварувањето на ова некогаш добива пречка во форма на притисоци од различна природа. Преку таква препрека секој јавен обвинител мора да премине, односно секој јавен обвинител не смее да подлегне на каков било притисок или влијание, бидејќи на тој начин би биле во служба на неправдата. Е, тука исто така е значајна мојата улога, тоа да го забележам и на истото соодветно да реагирам.

Целото интервју и многу повеќе детали читајте на Женски магазин. 

Слично

Поврзани вести