„НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ НА ДВЕ ЛОКАЦИИ ИСТОВРЕМЕНО“: одбраната на Палчо тврди бил во банка, пронајдени куршуми во домот на Видески
Ловчека пушка, патрони и куршуми, но не и пиштолот со кој е пукано во малата Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски се пронајдени во домот на Боре Видески, еден од петтмината обвинети за срашното злосторство кое ја потресе цела земја.
Првообвинетиот, Љупчо Палевски Палчо се брани со помош на сметки од банки, а се уште нема податоци од телефонот каде бил во моментот на убиството на двете жртви.
Денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето со испитување на сведокот Стојан Кујунџиевски на предлог на обвинетиот Љупчо Палевски, кој откри дека при претресот кај сопругата на Боре Видески пронајдени се ловечка пушка и куршуми за пиштол, но не и пиштолот.
Сведокот сведочеше дека заедно со колегите од СВР Велес вршеле потрага по исчезнатиот Жежовски и дека по добивање на првичните сознанија била извршена потрага на теренот во Велес со цел лоцирање на лицето. Беа прегледани видео записи од влезовите и излезите на Велес.
Посочи дека лоцирале две лица во возило „рено кангу“ и едно лице во „цитроен“, но не даде одговор на прашањето како биле облечени, бидејќи, како што рече, камерите ги гледал многу одамна.
При испрашување за одземените предмети од претресот кај Јасминка Видевска, сопруга на Видевски, тој потврди дека се пронајдени ловечка пушка, патрони и куршуми девет милиметри за пиштол.
- Предметите се предмет на управна постапка за одземање на оружје и истите се предадени во магацин на СВР Велес на чување - рече тој, додавајќи дека документите за одземените предмети биле ставени на увид на СВР Скопје.
При претресот кај Видевски, како што рече, не бил лично присутен и не може да каже што се случувало таму.
- Дополнително, јас немав никаков контакт со Боре Видевски, за да го прашам каде е пиштолот напомена сведокот.
Прашан зошто не ја известил обвинителката Славица Темелковски за недостасувањето на оружјето, Кујунџиевски рече дека обвинителката била известена усно дека недостасува пиштол.
Одбраната на обвинетиот за двојното убиство на Вања и Панче, Љупчо Палевски Палчо побара од судот да биде обезбедена како доказ снимката од камерата на експозитура на Халк Банка во Буњаковец бидејќи тврди дека чекал ред пред шалтер, за време на убиството на девојчето, заедно со сведок кој ќе го повика во судот да го потврди тоа.
Адвокатот на Палевски покажа уплатница од Халк банка од 27.11.2023, две фотографии, скриншот од Фејсбук, скриншот од Телеграм, отпусно писмо од „Аџибадем Систина“ од 16.07.2020, ургенција до Телеком од 16.09.2024 година. Тој го повлече барањето до Улици и патишта од 20.08.2024 за движењето на возило „фиат добло“, бидејќи добиле одговор од јавното претпријатие дека не чуваат записи повеќе од 30 дена.
– Баравме запис од надзорните камери на Халк Банка од 27.11.2023 за периодот од 10 до 12 часот за да утврдиме кога Палевски влегол во Банката. Доставуваме уплатница за извршена уплата од Палевски во 11.40 часот. Палевски два пати се враќал во Банката, во експозитура Буњаковец, на Партизански одреди, поради уплатницата – рече адвокатот на Палевски. Обвинителката даде приговор велејќи дека критичното време на кое се однесува уплатницата воопшто не е од интерес на оваа постапка бидејќи од презентираните видео записи за 27.11.2023 година од Сејф сити, е произлезено дека возилото „рено кангу“ управувано од Палевски на 27.11 во 10 часот веќе се враќа во седиштето на партијата Десна, а уплатницата е од 11.44 часот. – За нас овој доказ е битен, бидејќи со тоа го докажуваме спротивното од она што го вели јавниот обвинител. Нивниот доказ како возилото се шета по Скопје, без утврдени ликови, не може да биде посилен доказ од тоа дека Палевски во истиот временски период бил во Халк банка. Оттука е невозможно да биде во исто време на две локации. Овој доказ треба да ни биде дозволен, бидејќи е битен за одбраната – рече адвокатот на Палевски, Јовица Страшевски. На тоа Палевски додаде дека за да стасал од седиштето на партијата до банката му требало половина час. – Бараме да се обезбедат и снимки од експозитурата на таа банка. Со сведокот Мартин Панчевски, професор во пензија, колку време сме разговарале и сме чекале ред. На таа околност се однесува овој доказ – рече Палевски.
Според обвинението, Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
