НЕМА СВЕЧЕНОСТ И ТЕЛЕВИЗИСКИ КАМЕРИ, АМА ОД ТРАНСПОРТ ТВРДАТ - од денеска стартува реализацијата на коридорите 8 и 10д
Откако беа од јавноста искритикувани дека денешниот ден кој беше одреден како старт, нема да биде вистински почеток на изградбата на Коридорите 8 и 10 Д, од Министерството за транспорт и врски испратија соопштение, во кое тврдат дека од денеска почнува реализација на договорот, но станувало збор за подготвителни работи.
Сепак, нема ниту свечен почеток на работите, ниту владино означување на стартот, ниту телевизиски камери.
Еве го соопштението од Транспорт.
„Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта информираат дека од денеска започнува реализацијата на Договорот за изградба на Коридорите 8 и 10-д.
Според договорот, од денеска започнуваат подготвителни работи, снимање на теренот, подоготовка на урбанистички проекти, основни проекти, со цел да се отпочнат и постапките за експропријација и проектирање.
Паралелно со ова започнува мобилизација на персонал за работа, подготовка на локации за поставување на кампови за градежната оператива, анализа на трасата и можни дислокации на подземни и надземни инсталации, подготовка на постапки за вршење на геотехнички истраги.
Изградбата на Коридорите 8 и 10-д е од стратешки интерес за државата. Со реализација на овој најголем инфраструктурен проект се заокружува коридорското автопатското поврзување на Република Северна Македонија со Европа и со регионот. Тоа значи полесно движење на стоки, услуги и капитал, но и најважно безбедно одвивање на сообраќајот“, се вели во соопштението.
