„Нема пари за плати на работниците ама има пари за нови измислени позиции?“: СДСМ со реакција за најавените законски измени
Опозиционерите од СДСМ денска со реакција на плановите за промена на законот за Царинска управа со кој ќе се воведува втор заменик директор во оваа институција.
Како што денеска објави ФАКТОР, во план е промена на законот со цел оваа институција да добие нов заменик.
- Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ ветуваа намалување на заменичките места, на двојните директори а во Царина сакаат да воведат уште еден, втор заменик директор.
Ете такви законски измени предлагаат ДПМНЕ и ЗНАМ во Собранието.
Малку им се министри, заменици, директори, раководители, па си измислуваат позиции заменик на заменик директор - пишува во соопштението на СДСМ.
Од партијата посочуваат дека „досега вакво нешто е невидено ниту чуено, Царина да има директор, заменик директор и уште еден, втор заменик директор“.
- Кого ќе заменува вториот заменик во Царина? Директорот, заменикот директор или самиот себе?
Очигледно гладни се коалициските партнери на ВМРО ДПМНЕ па освен ВЛЕН треба да има заменик и за ЗНАМ - пишува во соопштението на СДСМ.
Додаваат дека наспроти бомбастичните најави за рационалност и намалување на позициите власта штанца директорски позиции само заради задоволување на партиските апетити.
- Нема пари за плати на работниците ама има пари за нови измислени позиции?
Бараме ВМРО ДПМНЕ да го повлече катастрофалниот Закон во Собрание - се нагласува во објавата на СДСМ.
