Економија, финансии, бизнис

Контакт

НЕМА ОПАСНОСТ ОД ШИРЕЊЕ НА ПОЖАРИТЕ ВО КОЧАНИ И ТРКАЊЕ - денеска ќе се гаси во Костиндол и Новоселани

НЕМА ОПАСНОСТ ОД ШИРЕЊЕ НА ПОЖАРИТЕ ВО КОЧАНИ И ТРКАЊЕ - денеска ќе се гаси во Костиндол и Новоселани

Пожарот кај Кочани во текот на ноќта е локализиран и ставен под контрола, соопштија надлежните, јавува инфо.мк. 

На одделни места во близина на селото Тркање од рано изутринава сѐ уште се забележува чад од огнот што зафати шумски појас и нискостеблеста вегетација во пречник од десетина километри.

„По обиколката што утрово ја направивме на локациите што беа зафатени со пожарот околу Кочани и Тркање констатиравме дека нема опасност од негово повторно ширење, но на терен и понатаму ќе останат противпожарните единици за да ја контролираат ситуацијата. Сега приоритет ќе дадеме на гаснењето на огнената стихија во атарот на планинските села Костин Дол и Новоселани, каде гори дабова и букова шума на неколку десетици хектари. Без воздушна поддршка таму е невозможно да се интервенира, поради што на терен веќе излегоа хеликоптерите на Армијата. Сакам да упатам благодарност до сите граѓани, особено младите од Кочани, кои синоќа беа солидарни и масовно помогнаа да се спречи катастрофа околу градот, изјави градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Околу 500 припадници на противпожарните единици од повеќе градови во државата, од Армијата и месно население ноќеска учествуваа во гаснењето на пожарот.

Според најавите од надлежните во текот на денот ќе почне увидот на состојбата со куќите и другите објекти што беа зафатени од пожарот кај Кочани, за да може општинската комисија за проценка на штетите да изготви записник.

Слично

Поврзани вести