Нема одложување на пописот, а нема ниту предвремени парламентарни избори
Премиерот Зоран Заев денеска рече дека пописот на населението дефинитивно ќе се одржи од 1 до 21 април. Претходно беше оставен простор за евентуално одложување за краток период, но владиниот претседател вели дека дебатата за тоа е завршпена.
- Девет години дебатираме за попис, дебатата за одложување на пописот заврши. Тој ќе даде одговори кои се толку многу важни. Ќе се одржи од 1 до 21 април. Методологијата е веќе објавена. Обврска на секој граѓанин е да се потпише, има сериозни санкции за одбивањето и недавањето одговори. Тоа е граѓанска обврска. Ги повикувам сите сериозно да пристапиме кон оваа статистичка операција и да ја исполниме нашата граѓанска должност, рече Заев на денешната прес-конференција.
Тој исто така рече и дека нема да има предвремени парламентарни избори заедно со локалните на крајот од годинава. Вели дека доста е од избори и дека треба да се работи, а следни ќе бидат редовните во 2024.
– Бевме на избори, прифативме предвремени парламентарни избори на барање на опозицијата, утврдивме евроатлантска агенда, завршија изборите и изгуби ВМРО-ДПМНЕ. И сега повторно да одиме на парламентарни избори, зошто, заради тоа што така Мицковски мисли. Не. Нема потреба да одиме, нема прични зошто да одиме. Треба да одбработиме, рече Заев.
Категоричен е дека мнозинството од 62 пратеника во Парламентот е стабилно и оти поради, како што вели, исправните политики, тоа може да се зголемува, а не да се намалува.
