НЕМА НОВИ ХОСПИТАЛИЗИРАНИ: Прв пат од почетокот на епидемијата
Министерството
за здравство денеска соопшти дека нема нови пациенти примени во болниците
поради компликации од корона вирусот. Ова е прв пат да нема хоспитализирани од
почетокот на епидемијата на Ковид-19 во Македонија.
-Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје нема хоспитализирани нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 58 лица сомнителни и потврдени за Ковид 19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град.
Во последното деноноќие, на Институтот за ТБЦ немало приеми.Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември исто така немало примени пациенти, ниту пак на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 8 оздравени пациенти, соопштуваат од МЗ.
Истовремено посочуваат дека постепено и секојдневно се намалува бројот на лежечките пациенти во неколкуте ковид-центри во главниот град.
-Во ковид центарот на Институтот за ТБЦ се лекуваат 8 пациенти.Во ГОБ 8 Септември има вкупно 18 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 32
пациенти. Утрово до 8 часот имало 87 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.
Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка, информира Министерството за здравство.
