Нема нови договори со Бугарија, тврдат од МНР
Нема нови договори со Бугарија, велат од Министерството за надворешни работи(МНР).
Од МНР велат дека го следат процесот на формирање на техничката влада во Бугарија, при што велат дека охрабрува значајниот фокус што се придава на нашите билатерални односи.
„Оттука сакаме да ги отфрлиме сите наводи дека се подготвуваат нови обврски за двете држави надвор од договорените принципи во меѓусебниот Протокол кои значат: прво реципроцитет во рамките на преземените обврски; како и автономија на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања“, велат од МНР.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека со најавениот бугарски документ СДСМ продолжува со концесиите кон Бугарија.
„За да престанат предавствата и газењето на македонските национални и државни интереси мора да се случат избори, мора да се случи референдум на кој народот јасно ќе каже дали е за или против ваквата измеќарска и понижувачка политика на Ковачевски и СДСМ“, кажа Миле Лефков, ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката СДСМ велат дека и покрај тоа што нема никаква бугаризација од опозицијата шират лаги.
