Нема на сите судии да им се проверува имотот, познато кои ќе влезат во списокот на Антикорупциска
Билјана Ивановска, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата рече дека до крајот на јануари или почетокот на февруари ќе биде позната во целост методологијата според која ќе се утврдува имотната состојба на судиите оваа година.
Она што што е познато, според зборовите на Ивановска, е дека ќе се прави „список“ на судии, односно дека нема сите да бидат проверувани, и дека се наѕираат критериумите според кои тие ќе се најдат на листата.
Списокот ќе го изготви Антикорупциска во соработка со Републичкиот судски совет (РСС), а како еден од „условите“ за судиите да се најдат на истиот е тоа колку долго биле држени предметите во фиока.
Ќе биде „скениран“ имото на оние судии кои се нашле на тапет во Републичкиот судски совет, но и оние за кои има поплаки од граѓаните.
Сомнежите од начинот на распределба на предметите ќе биде услов, исто така, дали ќе се испитува имотот. Кога ќе се соберат сите овие критериуми, ќе се направи примерокот за испитување.
- Работиме на методологијата за избор на примерок заедно со Републичкиот судски совет (РСС) кој треба да ни ги достави податоците по што, всушност, ќе утврдиме кои судии ќе бидат предмет на нашата работа, изјави Ивановска.
ДКСК во моментов ги чека податоците од Републичкиот судски совет.
