Економија, финансии, бизнис

Контакт

НЕМА ИЗБОРНО СООЧУВАЊЕ ВО АПРИЛ - Владата со уредба со законска сила ги прекина сите изборни дејствија

НЕМА ИЗБОРНО СООЧУВАЊЕ ВО АПРИЛ - Владата со уредба со законска сила ги прекина сите изборни дејствија

Владата со уредба ќе ги прекине сите дејствија за спроведување на изборите. Уредбата Владата ја донела на вчерашната седница, за што информираше доцна во ноќта.

„Владата на Република Северна Македонија на денешната 25 седница донесе Уредба со законска сила за прекин на сите дејствија за спроведување на изборите и за сите прашања поврзани со изборниот процес. Оваа одлука Владата ја донесе заради вонредната состојба прогласена за ефикасно спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19, и заради тоа што Собранието на Република Северна Македонија не се состанува за да ја поништи одлуката за распуштање. Во такви услови, а заради неопходната потреба успешно да се спроведат мерките за справување со коронавирусот во земјата, Владата донесе Уредба за прекин на сите дејствија за спроведување на изборите за пратеници во Собранието, кои се закажани за 12 април 2020 година“, се вели во соопштението.

Во Уредбата е наведено дека „од денот на стапување во сила на оваа уредба па се до денот на престанок на вонредната состојба не се применува членот 34 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси.

Со оваа Уредба Владата ја задолжува Државната изборна комисија да ја обезбеди и чува постојната изборна документација до продолжување на спроведувањето на изборните дејствија и изборите, кои ќе продолжат откако ќе биде прогласен престанок на вонредната состојба.

Уредбата исто така, определува задолжување за Државната изборна комисија во рок од еден ден од денот на престанок на вонредната состојба да објави на својата веб страница ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија.

Во Уредбата која има законска сила е наведено дека мандатот на членовите на Државата изборна комисија се продолжува и ќе трае 6 месеци од денот на одржување на изборите за пратеници во Собранието.

Се задолжува Државната изборна комисија да ја обезбедат и чуваат постојната изборна документација до продолжување на спроведувањето на изборните дејствија и изборите.

Спроведувањето на изборните дејствија ќе продолжи од денот на престанок на вонредната состојба. Сите изборни дејствија кои се преземени согласно одредбите на Изборниот законик до денот на стапување во сила на оваа уредба се сметаат за важечки.


Слично

Поврзани вести