НЕМА ДА НЕ ИСПЛАШИТЕ - обвинителите бараат брзо да се открие кој поставил експлозив во куќата на нивна колешка
Изразуваме енергична осуда на тоа што вчера беше поставена експлозивна направа во куќата на јавната обвинителка во Кичево, велат од Здружението на јавните обвинители.
„Овој чин, освен загрозување на личната сигурност на јавниот обвинител и членовите на неговото семејство, е сериозна закана и атак врз целата институција и принципот на владеење на правото во нашата држава“, се вели во соопштението од Извршниот одбор на Здружението.
Ваквиот чин, според нив, не само што нема да го поколеба јавниот обвинител во извршувањето на својата функција, туку е поттик за целата институција за уште подоследно извршување во својата функција и примена на принципот на легалитет на гонење на сторителите на кривични дела.
„Осудувајки го овој акт на насилство, изразуваме силна поддршка на нашата колешка да истрае во борбата против криминалитетот“, велат обвинителите.
Оттаму ги повикуваат надлежните органи во чија надлежност е оперативата за откривање на сторителите на кривични дела, да преземат соодветни мерки за брзо откривањето на сторителот на овој насилнички акт.
