Нема да имаме право на избор на вакцина ако имаме од повеќе производители
Се уште не е сигурно со кои вакцини ќе почне масовната имунизација во земјата. Или ќе стасаат вакцините кои во земјава ќе ги прати кинески Синофарм или пак вакцините АстраЗенека кои треба да се достават преку ковакс системот. Иако вчера министерот за здравство рече дека најверојатно први би пристигнале АстраЗенека денеска станува извесно дека до крајот на месецот може да стасаат и кинеските.
И додека конечно не пристигнат вакцините, најверојатно граѓаните нема да имаат избор на вакцина со која сакаат да се вакцинираат, како што е тоа во Србија. Ќе се вакцинира во спортски сали со дози од вакцините кои ги има.
Во платформата што ја направи Министерството за здравство информираат дека во земјава ќе бидат достапни вакцините Синофарм, Фајзер-Бионтек, АстраЗенека и Спутник В.
СИТЕ ВАКЦИНИ СЕ НАД 18 ГОДИНИ, САМО ФАЈЗЕР НАД 16
За вакцината на АстраЗенека се кажува дека е тип на вакцина аденовирус како вектор кој носи гени за С протеинот. Препорачана возраст за неа е над 18 години. Потребни се две дози, при што втората доза се дава 4-12 недели по првата доза. Ефикасност: во клиничките студии докажана е ефикасност од 63,09 отсто за превенција на инфекција со САРС-Ков2, резултатите од реалната пракса се охрабрувачки, само по првата доза 85 отсто се намалува ризикот за хоспитализација или тешка форма на болеста.Безбедност: повеќе од 25 илјади индивидуи беа вклучени во клиничките тестирања Најчести несакани ефекти – болка на местото на апликација, црвенило и чешање, покачена телесна температура, треска, главоболка, болки во мускули. Се јавуваат кај 1/10 индивидуи. Поретко се јавува алергиска реакција.
За вакцината на Фајзер пак се нагласува дека е мРНА вакцина која дава инструкции на организмот за создавање на протеин карактеристичен за вирусот САРС-Ков2. Препорачана возраст е над 16 години. Потребни се 2 дози, втората доза 21 ден по првата доза. Се дава мускулно во рамото. Ефикасност: клиничките студии покажаа висока ефикасност до 94 отсто превенција од САРС-Ков2 инфекција, а податоците од вакцинацијата ширум светот ја потврдуваат ефикасноста од клиничките студии. Безбедност: вакцината е безбедна повеќе од 40 илјади индивидуи беа вклучени во клиничките тестирања. Најчести несакани ефекти – болка на местото на апликација, црвенило и чешање, покачена телесна температура, треска, главоболка, болки во мускули. Несаканите ефекти се почести по примање на втората доза. Оваа вакцина може да даде и алергиска реакција и не треба да се администрира на лица алергичнина полиетилен гликол (PEG) или сродни молекули.
За Синофарм вакцината, пак, се вели дека се состои на база на инкативиран САРС-Ков2 вирус, а препорачана е на возраст над 18 години. Потребни се две дози, втората доза од 21-28 дена по првата доза. Таа е 86 отсто ефикасна против САРС-Ков2 инфекција, а 100 отсто ефикасна за превенција на тешка болест. Се дава мускулно во рамо. Безбедност – повеќе од 43 милиони дози се дадени до 21 февруари во светот. Најчести несакани ефекти се болка на местот на апликација, црвенило и чешање, покачена телесна температура, треска, главоболка, болки во мускули.
И конечно, за вакцината на Спутник В се објаснува дека е тип на вакцина аденовирус како вектор кој носи гени за С протеинот на САРС-Ков2 вирусот, а препорачана е на возраст над 18 години. Потребни се 2 дози, втората доза 21 ден по првата доза. Се дава мускулно во рамото. Ефикасноста на Спутник В наспроти КОВИД-19 е пријавена на 91,6 отсто, а бројката се заснова на анализа на податоците на 19.866 волонтери, кои примиле и прва и втора доза на вакцината Спутник В. Безбедност: Клиничките студии покажаа висока ефикаснот од 92 отсто превенција од САРС-Ков2 инфекција. Исто така, се смета дека е безбедна – и нуди целосна заштита од хоспитализација и смрт. Некои несакани ефекти од вакцината се очекувани, но тие се обично лесни, вклучувајќи болка во раката, замор и покачена телесна температура.
