НЕМА ДА БЕГА, НЕМА ДА ВЛИЈАЕ ВРЗ ИСТРАГАТА И НЕМА ДА ГО ПОВТОРИ ДЕЛОТО - еве што содржи жалбата на 30-дневниот притвор
Зеќири вчеравечер беше спроведен во притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, откако Кривичниот суд Скопје го прифати барањето на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција
Одбраната на генералниот секретар на Владата во оставка Мухамед Зеќири, поднесува жалба за судското решение за 30-дневен притвор.
Адвокатот Александар Трајковски за ТВ-Алсат вели дека во жалбата се побиваат трите основи за притвор, односно се исклучува можноста за бегство на Зеќири, неговото влијаење врз истрагата или повторување на делото.
Од Судот информираат дека ќе почекаат 48 часа да видат дали на нивна адреса ќе пристигнат жалби за притворот, од страна на одбраната или обвинителството, па најверојатно од понеделник ќе носат одлука.
Зекири е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување, склучувајќи договор без јавна набавка. Со него како осомничени дека му помогнале се и двајца хрватски државјани, за кои исто така е одреден притвор, но со оглед дека се недостапни на органите на прогонот, мерката за нив ќе почне да важи кога евентуално би биле приведени.
