НЕМА ЦЕНА КОЈА МАКЕДОНЕЦОТ ЌЕ ЈА ОДБИЕ ЗА ДА ДОЈДЕ ДО СВОЈ СТАН – станбените кредити со огромен раст од почетокот на годината
Македонските граѓани и компании не се откажуваат од кредитите и продолжува трендот на раст на задолженоста. Најновите податоци на Народната банка на Македонија откриваат дека заедно граѓаните и компаниите на банките им должат 558,612 милиони денари или над 9 милијарди евра. За споредба во првиот месец од годинава, или во јануари вкупната вредност на кредитите достигнуваше 8 милијарди евра.
Традиционално граѓаните должеа повеќе од компаниите, но овој пат долгот на фирмите е поголем отколку на населението. Па така граѓаните за кредити во декември направиле долг од 276,812 милиони денари или 4,5 милијарди евра. Компаниите пак должат 279,343 милиони денари односно 4,54 милијарди евра.
Податоците на Народна банка покажуваат дека расте задолжувањето и кај домаќинствата и кај компаниите, со тоа што во последниот извештај укажуваат дека кредитирањето кај компаниите расте со побрзо темпо отколку кај населението.
- Во декември, вкупните кредити бележат месечен раст од 3 отсто, кој се должи на зголеменото кредитирање на двата сектора, коешто е поизразено кај корпоративниот сектор. Споредено на годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 13 проценти како резултат на растот на кредитите кај двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор – укажуваат од Народна банка во нивниот последен извештај.
Бројките откриваат дека најголем интерес меѓу нашите сограѓани има за потрошувачките и станбените кредити.
Само за потрошувачки кредити граѓаните должат 142,4 милијарди денари или 2,3 милијарди евра. За споредба во трети месец по основ потрошувачки кредити, граѓаните должеле 1,9 милијарди евра.
Што се однесува пак до станбените кредити, по овој основ граѓаните должат 109,3 милијарди денари или 1,77 милијарди евра. За споредба, во март долгот за станбени кредити изнесувал 85,555 милиони денари или 1,3 милијарди евра.
Спротивно од нив, најслаб е интересот за автомобилските кредити. Кај оваа категорија граѓаните должат само 423 милиони денари или неполни 7 милиони евра.
Народна банка извести и дека во декември, најзастапените категории кредити и понатаму се потрошувачките и станбените кредити. Потрошувачките имаат годишен раст од 10,6 отсто, додека станбените 15,8 проценти.
Што се однесува пак до автомобилските кредити, кај нив има годишен раст од само 1,3 проценти. Кредитите одобрени на кредитните картичкизабележаа годишен пад 5,5 отсто. И негативните салда на тековните сметки и кредитите одобрени врз други основи, бележат намалување на годишно ниво од 2,5 проценти и 11,4 отсто.
Што се однесува пак до заштедите, и тука НБРМ регистрира раст. Имено согласно последните податоци граѓаните и компаниите во банките чуваат 661,2 милијарди денари или 10,7 милијарди евра, и притоа најголем дел се на граѓаните, чии заштеди достигнуваат 444,7 милијарди денари или 7,2 милијарди евра.
П.О.
