Нема амнестија за Трајко Вељаноски, Миле Јанакиевски, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски
Основниот кривичен суд Скопје на денешното рочиште ги отфрли како неосновани барањата на поранешните функционери Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Ристовски и Владимир Атанасовски за амнестија за случајот „Организатори на 27 април”.
Ова го потврди претседателот на Судечкиот совет, судијата Илија Трпков, кој информираше дека барањето на одбраната се однесува на примена на Законот за амнестија од 2018 година.
– Се одбива како неосновано барањето за амнестија, бидејќи не се исполнети условите од член 1, став 2, алинеја еден и два од Закон за амнестија, изјави судијата Трпков.
Со оглед дека обвинетите имаат право на жалба на одлуките, судењето се одложува за 6 јули 2023 година.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
Апелацискиот суд во април годинава ја укина првостепената пресуда од јули 2021 година, со која Вељаноски беше осуден на шест и пол години затвор, екс-министрите Јанакиески и Ристовски добија казна од 6 години и три месеци затвор, додека поранешниот директор на УБК Атанасовски шест години затвор, и предметот го врати на повторно судење.
