„НЕЛИ ВО КАРПОШ НЕ СЕ ЖИВЕЕЛО ХУМАНО? НЕЛИ НЕМАЛО ЗЕЛЕНИЛО“: градоначалникот Јакимовски вели ' вистина излегува на површина'
Министерката за образование госпоѓата Весна Јаневска во обид да воведе едносменско работење во училиштата вели дека најтешко е во Кисела Вода и во Аеродром, затоа што готово да не постојат можности за доградба или надградба на истите.
Молам??? Вистина ли???
Ова го истакнува градоначалникот Стевчо Јакимовски на неговиот Фејсбук профил, укажувајќи на причините и состојбите во погореспоменатите општини.
- Значи суровата вистина излегува на површина, нормално, кога ќе ја тргнеш пропагандата, пи-ар спиновите, ботовите, и разните загрижени и борци за ваму таму... Вистината е следна: Во Кисела Вода од 1996 година па наваму, односно за 28 години, само 2 мандати бил градоначалник од друга партија. Или 8 години. Во Аеродром, општина која постои со територијалната поделба од 2004 година, а тоа значи 21 година, само еден мандат управувал претставник на друга партија што не е ВМРО-ДПМНЕ.
А Карпош „види чуда невиџенога“ никогаш не го раководел ВМРО-ДПМНЕ. Во Карпош на пример, доградба можеме да направиме речиси во сите училишта. Буквално во сите. Па нели Карпош е бетонизиран? Нели во Карпош не се живеело хумано? Нели во Карпош немало зеленило, а кај нив го имало? И сите тие вршат притисок децата да им ги згрижиме во нашите градинки, а првоодделенците, да започнат да учат во нашите училишта, односно, таму каде што се живее „нехумано“, а притисок врз нас вршат тие каде што „се живеело по светски хумано“ - пишува Јакимовски на социјалните мрежи.
Но, потоа додава дека во Карпош за 30 години, два пати се реновирани училиштата. Првиот пат во 2011 и во 2012 година, и сега. Потенцира дека останале уште две од вкупно десет училишта за реновирање.
- На сите поставуваме фотоволтаични панели од 25 киловати до 40 киловати, сите фудбалски игралишта се со вештачка трева, во тек е тендерот за набавка на смарт табли кои ќе бидат поставени во сите училници, го распишуваме тендерот за 250 компјутери (најнови) за секое училиште да има по еден компјутерски кабинет, реновирани се спортските сали во училиштата Аврам Писевски, Лазо Трповски, и Христијан Тодоровски Карпош и имаме два готови проекти за спортска сала во училиштата Братство и Димо Хаџи Димов. Сето ова е направено со тотална блокада од владејачката партија и нивните сојузници. Блокада на буџет, и негласање за истиот без никаква причина во 2024 и 2025 година, како вика народот, „тие не фрлаат низ прозор, а ние им влегуваме низ оџак“. За среќа има разбрани партии и советници кои знаат дека Карпош не е Стевче, туку Карпош се граѓаните. Зошто блокадите не ме блокираат мене, туку развојот на општината.
Само толку, колку да се знае, а сега плукачките жлезди на платениците и ботовите нека истапат чекор напред. Бујрум! - укажува Јакимовски.
Фото: Притнскрин/Јутуб
