Економија, финансии, бизнис

Контакт

НЕКОЈ МЕЃУ НАС НЕ Е НАШ: Заев расчистува со корупцијата во своите редови?!

НЕКОЈ МЕЃУ НАС НЕ Е НАШ: Заев расчистува со корупцијата во своите редови?!

Како „бомба“ одекна веста која ја соопшти лично премиерот Зоран Заев, дека двајца владини функционери се под истрага за корупција. Популистички чекор, предупредувачка порака до именуваните владини претставници или искрена намера за справување со криминалот, сепак Заев обелодени дека во неговите редови има лица посочени дека се корумпирани.

„Ова го кажувам за прв пат. Јaс постојано ги охрабрувам граѓаните на нашето општество да пријавуваат потенцијални случаи на корупција и како резултат на тоа вомоментов се води истрага по овие дојави за двајца високи претставници на власта коисе на должност неколку месеци. Сe разбира, ова е само истрага, не можеме да откриваме повеќе детали. Со ова сакам да кажам дека законот мора да важи подеднакво за сите“, кажа Заев.

Премиерот не сакаше да открие за кои функционери станува збор, само објасни дека тие се на должност само неколку месеци,односно се именувани напочетокот на август. Истрагата била покрената по пријава на граѓани.

На почетокот на август беа именувани 67 директори на органи, државни управи иказнено поправни установи. За кои од нив станува збор не открива ниту Јавното обвинителство.

Јалова борба со корупција

Според последниот извештај на меѓународната организација „Транспаренси интернешнл“ објавен на почетокот на годинава, Македонија се наоѓа на 90. место од 176 земји колку што се рангирани во 2016 година. Тоа значи пад за 24 места од 2015 година, кога земјава беше на 66. место, што значи наместо напредок, перцепцијата за корупцијата во Македонија се зголемува.

Земјата со години назадува на речиси сите релевантни листи за добро управување кои ги изработуваат водечки светски организации и институти. Според експертите, нивото на корупција се зголемува бидејќи во земјава има нефункционални институции за борба против корупцијата.

Со објавувањето на содржината на прислушуваните разговори и со предметите кои ги отвори Специјалното јавно обвинителство, јавноста дозна за десетици случаи во кои високи државни функционери од претходната власт биле вмешани во коруптивни зделки. Па сепак, во Македонија речиси и да нема случаи на т. н. висока корупција, а уште помалку нивна судска разврска.

Неказнивоста и високото ниво на корупција беше наведено како црна дамка и во последниот годишен извештај на американскиот Стејт Департмент за почитувањето на човековите права.

“Најголемиот проблем со кршење на човековите права и практики, произлегува од сеприсутната корупција и неуспехот на Владата да го почитува владеењето на правото, вклучително континуираните напори за намалување на слободата на медиумите, мешање во судството и попречување на работата на Специјалниот јавен обвинител, како и селективната правда. Значајно кршење на човековите права се покажува и преку политичко мешање и фаворизирање на добро етаблирани лица, одолговлекување на судските постапки, кршење на правата за правично и јавно судење, и корупција во целокупниот судски систем“

Најкорумпирани пратениците, Владата и Претседателот

Според последното истражување на Транспаренси интернешнл во Македонија, повеќе од една третина од испитаните граѓани рекле дека корупцијата е еден од трите најзначајни проблеми со кои се соочува државата.

Дванаесет отсто од нив изјавиле дека морале да платат поткуп за да обезбедат некаква јавна услуга, а најголемо искуство со тоа тие имале во јавниот здравствен систем, во сообраќајната полиција, во службите за издавање на службени документи и во јавното образование. Исто така тие сметаат дека богатите имаат многу силни влијанија над политичарите.

Според граѓаните меѓу најкорумпираните во Република Македонија се смета дека се пратениците, како и дека Владата и Кабинетот на Претседателот во Македонија се вклучени во корупција.

Специјалното јавно обвинителство досега има поднесено 18 обвиненија, против вкупно 120 лица. Меѓу нив има поранешни функционери од државниот врв, пратеници, директори, градоначалници, обвинети за тешки кривични дела почнувајќи од злоупотреба на службената положба до масовно незаконско прислушување.

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, е обвинет во пет предмети на Специјалното јавно обвинителство. Случајот познат како „Шамарите во Центар“, „Титаник“ за изборните измами, „ТНТ“ за уривањето на објектот „Космос“ на Фијат Цановски, „Траекторија“ за изградбата на автопатиштата и „Тенк“ за набавката на мерцедесот од 580.000 евра.

Ј.М.

Слично

Поврзани вести