Неизвесно е дали ќе добиеме датум за преговори, еве што одговори Жбогар
Eвроамбасадорот Самуел Жбогар ја потврди неизвесноста за добивање датум за преговори во јуни.
Жбогар рече дека датумот за преговори е во рацете на земјите-членки на Унијата.
„Денес не можам да најавам отворање преговори во јуни, бидејќи тоа е одлука на нашите земји-членки. Но, вие имате силен и убедливи аргументи и чашата се полни“, изјави Жбогар.
Тој ги повика политичарите да покажат единство за да се исполнат европските интеграции.
„По неколкуте избори изминатите години кои длабоко ја поделија земјата време е политичарите и политичките партии да ги остават на страна своите разлики без оглед дали се идеолошки, етнички или лични. Време е да се демонстрира единство за целта и да се интензивираат напорите, прво да се почнат пристапните преговори, второ брзо да се прави прогрес во преговорите“, вели Жбогар.
Вицепремиерот Бујар Османи вели дека земјава ги исполни сите ветувања со носењето на тешките одлуки и дека сега кредибилитетот на евроинтеграциите зависи од испорачувањето и забрзувањето на интеграцијата на регионот во ЕУ.
Новоизбраниот претстедател на државата, Стево Пендаровски побара поддршка за евроатлантските интеграции од амбасадорите на земјите на ЕУ.
„Очекуваме да слушнеме добри вести идниот месец од европскиот главен град, Брисел. Немам сомнежи дека сите вие ќе бидете посветени да ја поддржите нашата цел, и да го исполниме конечно нашиот сон по толку долго време чекајќи во транзицискиот тунел. Мојата главна цел како како претседател во идните 5 години, ќе биде обидот со сите – со оваа Влада како и секоја идна Влада за да ја исполнам целта за членство во ЕУ и НАТО“, рече Пендаровски.
Османи порача дека земјата ќе продолжи со спроведувањето на реформите. Во меѓувреме, ќе има Извештајот на ЕК, а и договорот за Законот за јавно обвинителство е еден од условите.
