Неисправниот мазут ќе ги чини 13.000 евра: Казна за „Евротим“ по истражувачката сторија
Киќевската компанија Евротим ќе треба да плати 10.000 евра, а одговорното лице уште 3.000 евра затоа што е потврдено дека во мазутот кој го продаваат има повеќе вода и седименти и содржина на пепел, соопти денеска Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). Оттаму велат дека добиле одговор од компанијата „Евротим ГДС“ ДООЕЛ - Кичево, дека компанијата ги прифаќа првичните резултати од анализите на земените мостри од производот „мазут“, што ги спроведе ДПИ во складот во Ресен.
„Врз основа на овој одговор, ДПИ информира дека резултатите од испитувањето на првиот примерок се конечни. Односно, при првите примероци од земени мостри од складот за „мазут“ во Ресен во сопственост на оваа компанија, ДПИ констатираше дека параметрите вода и седименти и содржина на пепел, се повисоки од граничните вредности пропишани со стандардот МКС Б.Х2.430. Врз основа на ова, ДПИ спроведе постапка на порамнување и издавање на прекршочни платни налози во износ од 10.000 евра за правното лице и 3.000 евра за одговорното лице, стои во информацијата на инспекторатот.
Истовремено донесено е Решение со кое на правниот субјект му е наредено да ги отстрани несообразностите кај испитуваниот производ „мазут“ и определен е рок од 15 дена за постапување по наредбата.
На 11 јуни Државниот пазарен инспекторат изрече забрана за работа на компанијата „Евротим“ од Кичево поради отстапки во квалитетот на мазут, при дополнителнителните анализи.