НЕГОВОТО ВИСОЧЕСТВО - ИЗВОДОТ и чекањето на шалтерите на Управата за матични книги
Во 21 век, за жал, се уште се чека на шалтер по половина час и повеќе, за да поднесете обично барање за извод од матичната книга на родените, а истата „процедура“ ќе ве снајде и после пет работни дена, кога ќе отидете да си го подигнете документот.
Сето ова ќе го избегнете доколу барањето го поднесете електронски и го добиете изводот по пошта, но тоа ќе ве чини уште 100 денари дополнително.
Во Управата за водење на матичните книги има два шалтери каде што се поднесуваат барањата, и уште два шалтери каде што изводите им се издаваат на граѓаните.
Првата „станица“ се шалтерите еден и два, каде граѓаните ги поднесуваат барањата, за што на лице место треба да платат по 150 денари, и тоа 100 денари за административна такса, како и уплатница на износ од 50 денари на сметка на Управата, за обезбедување на изводот.
Но, барем од искуството на многу граѓани, двајцата вработени што трерба да ги опслужуваат шалтерите, или ги нема воопшто на нивното работно место во исто време, или, ако корисниците имаат среќа, од некаде ќе се појави едниот од нив и ќе почне да ја врши работата. Но, бидејќи во меѓувреме се насобрале многу граѓани, услугата оди бавно и се создава метеж, а често и нервоза. Често се случува едниот вработен да зборува и на телефон, што дополнително го кочи процесот.
Откако граѓаните ќе платат и ќе го добијат ливчето, им се кажува дека за пет работни дена можат да си го подигнат изводот. И кога ќе дојдат во предвидениот рок, ги снаоѓа истата мака, само што овој пат тоа им се случува на шалтерите три и четири. Повторно чекање, отсуство на вработените, а кога ќе дојдат - неснаоѓање во барањето и наоѓањето на соодветниот извод од мноштвото собрани на купче.
А во меѓувреме, имате прилика да гледате како бројни вработени во Управата, од таа страна на шалтерите, постојано поминуваат од едно место до друго, и имате чувство дека прават буквално се, само не седнуваат да ја сработат работата. И ова не е ништо ново, така е подолг период наназад, или, истата слика се повторува со години.
Фактор ја праша Управата за водење на матични книги зошто се толерира ваков непрофесионален однос на вработените.
Од таму признаваат дека вакви пропусти се случуваат, и дека се пожалиле и многу други граѓани. Како причина за лошата услуга ги наведуваат самата организација на работењето, но и човечките карактери на вработените. Велат дека се работи на подобрување на услугата за граѓаните.
Затоа од Управата апелираат барателите на услугите да го користат електронскиот начин на аплицирање за извод, по што тој, доколку корисникот сака, стигнува на домашна адреса, во рок од 24 до 48 часа. Но, во тој случај клиентот ќе треба да плати уште 100 денари за поштарината, што е вообичаен трошок.
„Ги прифаќаме критиките и тие добро ќе ни дојдат да го подобриме нашето работење. Свесни сме дека треба да се подобрат многу работи. Но, затоа апелираме да се користи електронскиот начин на аплицирање, каде услугата е многу побрза и поефикасна. Многумина граѓани веќе го користат овој начин, особено помладите. Ова е всушност вентилот преку кој ги амортизираме негативностите“, велат од Управата за водење на матични книги.
Во скопската испостава на Управата, како што велат, има околу 30-тина вработени, но потенцираат дека има и многу други документи што се издаваат, како и многу работа што треба да се врши во позадина, па затоа не треба да се има предвид само таа слика што се гледа кога ќе дојдете на шалтерите.
Управата за водење матични книги е орган во состав на Министерството за правда. Во неа ги нема зеленото и црвеното копче, што значи дека граѓанинот нема можност барем да и покаже на оваа институција колку е задоволенм или не од нивната услуга.
( Н.Н.Ф.)
