Економија, финансии, бизнис

Контакт

НЕФУНКЦИОНАЛНИТЕ КРЕДИТИ ПАДНАА НА ИСТОРИСКИ МИНУМУМ – банкарскиот систем стабилен

НЕФУНКЦИОНАЛНИТЕ КРЕДИТИ ПАДНАА НА ИСТОРИСКИ МИНУМУМ – банкарскиот систем стабилен

Во третиот квартал од 2025 година, кредитниот ризик во банкарскиот систем бележи дополнително подобрување и кај домаќинствата и кај корпоративниот сектор. Вкупната стапка на нефункционални кредити се намали на 2,3 проценти, што претставува нов историски минимум, покажуваат податоците од Народна банка на Република Северна Македонија.

Подобрувањето произлегува од намалениот обем на нефункционални кредити кај двата сектора, најмногу поради спроведените задолжителни отписи, во услови на континуиран, но забавен кредитен раст.

Нефункционалните кредити се намалија за над 9 милиони евра

Во третиот квартал, нефункционалните кредити на нефинансискиот сектор се намалија за 556 милиони денари или околу 9,04 милиони евра, односно за 4,3 проценти, за разлика од растот во претходниот квартал. Истовремено, кредитниот раст забави на 1,9 отсто на квартална основа, од 4,6 проценти во вториот квартал.

Дополнително се намали и учеството на кредитите во т.н. група 2 според ИФРС 9, што укажува на подобар вкупен квалитет на кредитното портфолио, особено кај индустрискиот сектор.

Корпоративниот сектор со најниска стапка досега – 2,4 отсто

Кај претпријатијата, нефункционалните кредити се намалија за 335 милиони денари или околу 5,45 милиони евра, односно 5,2 проценти, што е значително подобрување во однос на претходниот квартал. Во најголем дел, падот е резултат на задолжителни отписи од страна на банките.

Најголемо намалување е забележано кај: производството на метали, машини и опрема, прехранбената индустрија и градежништвото.

Стапката на нефункционални кредити кај корпоративниот сектор се спушти на 2,4 отсто, најниско ниво досега, со најизразен пад во угостителството, каде има намалување од 0,8 процентни поени.

И домаќинствата со подобра кредитна дисциплина

По растот во претходниот квартал, нефункционалните кредити кај домаќинствата се намалија за 215 милиони денари или околу 3,50 милиони евра, што е за 3,4 отсто помалку, при направени отписи од 303 милиони денари или околу 4,93 милиони евра.

Најголем придонес за падот имаат: потрошувачките кредити со 54 проценти, и станбените кредити со 23 отсто.

Стапката на нефункционални кредити кај домаќинствата се намали на 2,3 проценти, при што кај станбените кредити таа е под 1 отсто, што е меѓу најниските во портфолиото.

Во септември 2025 година беа донесени измени на макропрудентните мерки, со примена од 1 декември 2025 година, кои имаат превентивен карактер. Се затегнуваат максималните прагови за ДСТИ и ЛТВ, со цел подобра заштита на граѓаните од прекумерна задолженост.

Истовремено, се води сметка да не се ограничи пристапот до кредити, особено за младите лица со нерешено станбено прашање, преку олеснување на кредитирањето за прво живеалиште.

Банките високо резервирани – солвентноста не е загрозена

Покриеноста на нефункционалните кредити со исправка на вредноста достигна 62,1 отсто, што дополнително го ограничува ризикот од неочекувани загуби. Нерезервираниот дел од нефункционалните кредити изнесува само 3,9 проценти од сопствените средства на банкарскиот систем.

Дури и при хипотетичко сценарио на целосна ненаплата, солвентноста на банкарскиот систем не би била загрозена.

Резултатите од стрес-тест симулациите покажуваат дека: адекватноста на капиталот не паѓа под 8% во ниедно сценарио, дури и при екстремен раст на кредитниот ризик, стапката се намалува од 19,5 отсто на 14,5 проценти, при ризик од концентрација, адекватноста се намалува на 17 отсто, што е подобар резултат од претходниот квартал.

П.О.

Слично

Поврзани вести