Економија, финансии, бизнис

Контакт

НЕФУНКЦИОНАЛНИТЕ КРЕДИТИ НА ИСТОРИСКИ МИНИМУМ: Банките се стабилни, вели Народна банка, еве каква промена воведува

НЕФУНКЦИОНАЛНИТЕ КРЕДИТИ НА ИСТОРИСКИ МИНИМУМ: Банките се стабилни, вели Народна банка, еве каква промена воведува

Според Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во текот на третиот квартал, показателите за изложеноста на ризици на банкарскиот сектор се стабилни и дополнително се подобрија, додека стрес-тестовите упатуваат на добар капацитет за справување со можните шокови. 

Ова е генералниот заклучок од седниците одржани на 21 и 27 декември од страна на Советот на Народната банка. Советот го усвои Извештајот за ризиците во банкарскиот систем на Република Македонија во третиот квартал од 2023 година. Исто така, Советот донесе одлука за ново зголемување на стапката на противцикличниот слој за превентивно делување и понатамошно јакнење на отпорноста на банките.

- Окружувањето во коешто работат банките се карактеризира со постепена стабилизација на ценовниот раст и поволен девизен пазар, но и натаму има ризици и неизвесности, главно предизвикани од надворешните фактори. Поради тоа, во Извештајот се нагласува потребата за натамошно внимателно следење на ризиците како од страна на банките, така и од страна на Народната банка и доколку е потребно, преземање мерки. Во вакви услови, банките и натаму непречено ги извршуваат банкарските активности, иако се бележи извесно забавување на кредитната и депозитната активност, но растот сѐ уштее солиден - се наведува во соопштението на НБРМ. 

Додаваат дека има поволни промени има кај валутата и рочноста на депозитите, како и дека солвентноста на банкарскиот систем бележи подобрување, при што стапката на адекватност на капиталот достигна 18,4 отсто, што е највисоко ниво за изминативе седумнаесет години. 

- Кредитното портфолио на банките е со добар квалитет и засега не се забележуваат знаци за позначително остварување на кредитниот ризик, а учеството на нефункционалните во вкупните кредити од 2,8 отсто е на нивото на историскиот минимум - посочуваат од Народна банка.

Врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, којашто ги вклучува податоците за третиот квартал од 2023 година, вклучително и најновите показатели, Советот на Народната банка донесе одлука за зголемување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија за 0,25 процентни поени, од претходно утврдените 1,25 на 1,5 проценти, применлива во првиот квартал од 2025 година. Заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот систем, при неостварување на ризиците во билансите на банките и солидна профитабилност, Народната банка во неколку наврати во текот на 2023 година го зголеми нивото на противцикличниот капитален заштитен слој.

Советот на Народната банка разгледа и повеќе други прашања поврзани со работењето и тековните активности на централната банка.

Слично

Поврзани вести