Неформална група бара он-лајн настава или огромен број граѓани ќе бидат доведени во опасност
Неформална група со 15.000 членови бара он-лајн настава за учениците.
Граѓанската активистка Ана Глигорова како претставник на oваа неформална група, откако не ја прими министерката за образование Мила Царовска, соопшти дека се против владината одлука учениците од први септември да одат на настава со физичко присуство. Глигорова вели дека со одржувањето на настава со физичко присуство нема да има можност децата да одржуваат дистанца. Таа изјави дека огромен број недолжни граѓани ќе бидат доведени во опасност и дека може да ни се случи „цунами“.
„Правото на живот и правото на здравје е неприкосновено. Загарантирано е со Уставот, со Универзалната декларација за човекови права. Според последната одлука на Владата донесена на 17 август, децата треба да започнат настава со физичко присуство од 1 септември. Но, со оглед на тоа што ни доаѓа цунами, имаме секој ден по 30 починати, огромен број на заболени, меѓу нив и млади луѓе кои добиваат тешка клиничка слика, сметаме дека оваа учебна година треба да биде со он-лајн настава по секоја цена“, изјави Глигорова.Министерката за образование и наука Мила Царовска претходно изјави дека училиштата се подготвени за старт на учебната година на 1 септември со физичко присуство, а тие постојано ќе ја следат ситуацијата со коронавирусот во државата.
