Економија, финансии, бизнис

Контакт

Нефи Усеини, синот на Цветанка Иванова, браќата Ибиши - Кој доби дел од тендерот за зимско одржување на патиштата

Нефи Усеини, синот на Цветанка Иванова, браќата Ибиши - Кој доби дел од тендерот за зимско одржување на патиштата

„Нефи ИК“, фирмата на контроверзниот бизнисмен Нефи Усеини од Охрид доби дел од тендерот за зимско одржување на државните патишта. Неговата фирма добива 4,3 милиони денари и е меѓу оние кои ја поделија јавната набавка тешка 188,8 милиони денари.

Меѓу фирмите е и „Диктор ЦД“ на Зоран Иванов, син на поранешната генерална секретарка на Собранието, Цветанка Иванова. Неговата фирма добива над 39,5 милиони денари. „ЈА-МИ“ на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев пак, добива 35,7 милиони денари, за зимско одржување на дел од патиштата.

Фирмата „Ган-Логистик“ на Бурим и Насер Ибиши и Кренар Ибраими пак, добива речиси 39,3 милиони денари за дел од овој тендер. За 33,5 милиони денари, во групата се вклучува и тетовската „Инфраструктура“ која е во сопственост на Абдурахим Алија.

Во групата фирми кои ќе ги одржуваат патиштата е и „Јан Констракшн“, чии сопственички се Доста Стојаноска и Наташа Јанкулоска. Фирмата од овој тендер добива над 24 милиони денари. Дел од овој тендер е и битолската „Зимак“, сопственост на Роберт Рајкоски, на чија сметка ќе легнат речиси 4,4 милиони денари. 

Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта овие договори ги прави за оваа зима, односно сезоната 2025/2026 година, а се наведува како „ангажирање на трети лица“, бидејќи претпријатието самостојно не може да се справи со снегот. 

Меѓу другото, се бара камионите кои ќе го чистат снегот да имаат вграден ГПС, а возачите сами да се снабдуваат со храна, но кога ќе тргнат на пат, со себе да имаат храна за 24 часа. 

Александар Тодески

Слично

Поврзани вести