Недостиг на работници во Србија: градежници и сезонци високо платени, но малку ги има
Србија интензивно гради и се развива, поради што квалификуваните работници во градежништвото се сè повеќе ценети и барани. За разлика од претходно, кога работата беше сезонска, сега ангажманот е речиси целогодишен, бидејќи нема прекин во градежните активности.
Претседателот на Синдикатот на работници во градежништвото и индустријата за градежни материјали, Саша Торлаковиќ, посочува дека дневниците зависат од професијата.
- Помошен работник заработува околу 45 евра дневно, мајсторите од 75 до 90 евра, а најплатени се керамичарите кои добиваат од 15 до 20 евра по квадратен метар - вели Торлаковиќ.
Според податоците, во Србија има најмалку 120.000 градежни работници во редовен работен однос, но реалниот број е значително поголем ако се вклучат сезонските работници. Поради недостиг на домашна работна сила, на градилиштата сè почесто се ангажираат странци од Индија, Турција и Бангладеш. Искусен мајстор може да заработи и до 2.000 евра месечно.
Голема побарувачка има и за сезонски работници во земјоделството. Во периодот на кроење овошје, дневниците се движат од 70 до 80 евра, во зависност од обемот на работа.
- Кроењето јаболка беше плаќано околу 70 евра за 10 часа работа, со обезбедена храна - вели Небојша Јовановиќ од здружението „Чачанска јабука“.
Во текот на сезоната на берба, најбарани се берачите на овошје. Дневниците за берба на јагоди се околу 5.000 динари, а за малини достигнуваат до 6.000 динари дневно, со обезбедени три оброци и сместување.
Според производителите, за еден месец берба на малини може да се заработат и до 180.000 динари. Овие работи најчесто ги извршуваат млади луѓе и студенти, додека интересот кај пензионерите опаѓа.
Од 2019 година во Србија е задолжителна електронска пријава на сезонските работници, при што работодавачите плаќаат даноци и придонеси, а работниците имаат право на здравствено и пензиско осигурување. Еден сезонски работник може да биде ангажиран најмногу 120 дена годишно.
Бизпортал.рс