НЕДОСТИГ НА ПРОЕКТИ И НАСЛЕДЕНИ ПРОБЛЕМИ: Што ги закочи капиталните инвестиции
До месец април Владата не потрошила многу за капитални инвестиции.
Безмалку 11 отсто од парите предвидени за капитални проекти годинава се потрошени за првите четири месеци покажаа податоците на Министерството за финанансии кое ги објави податоците за реализација на буџетот до април според кои во овој дел има мало раздвижување во оваа ставка, кое сепак не е доволно.
Одговарајќи на пратенички прашања во однос на капиталните инвестиции и слабата реализација, премиерот Заев од собраниската говорница вчера кажа дека виновник за тоа е недостатокот на проекти и наследените проблеми при реализацијата на двата автопата, како и закочената изградба на железницата.
Премиерот се пожали дека неговата влада наследила два автопати сериозни потешкотии кои се обидуваат да ги решат.
„Очекувам до крајот на годината да биде готов автопатот Миладиновце – Штип, а за вториот автопат од Охрид до Кичево е потпишан анекс за продолжување на рокот, но се уште се преговара за да се одредат средствата заради пропустите при проектирањето. Довршени се и проектите за експресните патишта и како што објавивме преку Јавното претпријатие за државни патишта ќе се реализираат околу 800 километри патишта низ државата“, кажа премиерот Заев.
Тој нагласи дека во железницата кон Бугарија нагласи се реализира првата фаза, веќе е објавена втората фаза, а во подготовка е и третата фаза. Кај гасификацијата, како што кажа, не наишле на проблеми и само ја продолжиле нејзината реализација.
Според официјалните податоците државата потрошила за четири месеци 42,8 милиони евра за капитални проекти, додека заклучно со март за таа намена се потрошени само 29 милиони евра. За цела година во годишнешниот буџет Владата испланира за капитални проекти да потроши 393 милиони евра.
Така ако во првиот квартал или во првите три месеци беа реализирани 7,4 отсто од капиталните проекти за само еден месец реализацијата се искачи до 10,92 проценти.