Економија, финансии, бизнис

Контакт

НЕДЕЛЕН ФАКТОР: Заспан пратенички имунитет

НЕДЕЛЕН ФАКТОР: Заспан пратенички имунитет

Дали еден пратеник смее да помине на црвено? Може ли да продолжи да вози ако полицаец му покаже стоп палка? Смее ли да ги игнорира пешаците на пешачки? Нема имунитет на светот кој дозволува неказнивост и слобода за кршење на законот. Единствено британската кралица теоретски може да го убие премиерот, и да не одговора пред суд.

Но, за некој да биде казнет или приведен во полиција, да биде претресен или пребаран мора да биде уредно запознаен со легитимацијата на службеното лице. Зошто некој би застанал на автопат ако знае дека има криминалци што се претставуваат како полиција без легитимни значки, или крадци кои влегуваат во домови лажно најавувајќи се како полицајци. Алфа и Омега во постапувањето на службеното лице е да се легитимира, а потоа може да ги преземе сите дејствија кои смета дека се неопходни, а законски дозволени.

Ама овие навидум едноставни правни категории не беа доволни сами за себе, па затоа Апасиев и МВР си продолжија со делење лекции. Од една страна желбата на власта е да го претстави левичарот како небитен, политичар кој брзо ќе издиши како дупнат балон, но пропагандното бавење со него по портали и социјални мрежи покажува доза на должно внимание на неговиот налет кој е побрз и од старата Алфа за која го казнуваа. А, и самото создавање на националистичко страшило, расфрлање со термини како нацист и фашист, само уште повеќе ја зголемува популарноста на велешанецот, а можеби и неговата употребна вредност во опозицијата.

Револуционерот со црна кошула и 1000 Фејсбук лајкови по статус пак, сакајќи или не шири лажни вести за министерот Спасовски и МВР, брзајќи да им врати за јавните прекори кои му ги дадоа со пораките дека дури и пратениците се еднакви пред законите. Човекот што е доктор за право, овој пат го изеде „џандарскиот" кромид на социјалните мрежи. А, како кец на десетка ќе му дојдеше веста за непрописно паркирано возило на МВР, додека министерот денгуби во елитен ресторан. Арно ама, возилото било приватно, Спасовски „јадел скромно во кабинетот", а сопственикот бил дури и казнет за прекршокот.

Каков триумф на МВР! Брееј, конечно некој да му ја спушти на профата, па уште и десиминатор на лажни вести ќе го прогласат. Антизападен елемент, деструктивец со дезинформации.

Исто така пратеник или претседател на Собрание мора да го почитува Уставот. Има ли ситуација во која може да се протне изговорот бил испровоциран па за кратко го прекршил Уставот. Има ли политичар во држава за кого една вредност е апсолутна? Или нешто се почитува или тој што ги прекршува одредбите треба да понесе одговорност.

Тоа е исто како да ве казнат за погрешно паркирање и да се жалите ама јас малку ја возев колата. Епа некогаш тоа малку може да биде се!

Има ли грешка кај спикерот Џафери кој во Брисел на третата сесија се обрати на албански јазик иако во меѓународните односи единствен офијален јазик е македонскиот. Можеби навистина бил испровоциран од бугарските претставници. А, и како што сам кажа човечки е да се обрати на јазик кој му е мајчин, а сите офијални документ се на македонски.

Секако, во овие случаи може да заземеме еден или друг став. Да простиме или да казниме? Но, непринципиелно е секогаш власта и нејзиниот прв човек да си постапуваат онака како што им доаѓа во моментот, во зависност кој политичар од неговиот табор е инволвиран.

Па така и слободно ќе си толкуваме правила, закони, Устав. Нашиот имунитет за трпење неправди, прекршување на правила и нееднаквоста е одамна ослабнат, но прашање е што може да го разбуди?

Х.С.


Слично

Поврзани вести