Неделен Фактор: Седете дома, за да не излегуваме со песни на балкони
Светската пандемија со корона вирусот колку и да
изгледа застрашувачка успеа на површина да го извади хуманото од луѓето,
потребата од меѓусебна поддршка и кревање на духот. Можеби ваков колективен
напор засега не гледаме целосно на дело од страна на некои наши сограѓани кои и
натаму не ја разбираат сериозноста на ситуацијата.
Треба да се разбере дека прекинот на наставата и ослободувањето од работните обврски ниту е распуст, ниту е годишен одмор, туку неопходна мерка за наметнување на карантин и изолација на луѓето, со цел да се намали бројот на остварени контакти, а со тоа и рапидното ширење на заразата.
Дел од епидемиолозите во најцрните сценарија предвидуваат дека две третини од светското население ќе се заболи со корона вирусот. Во САД каде е прогласена вонредна состојба се проценува дека може да се заразат до 100 милиони луѓе. Слични се и најтешките прогнози и за европските земји. Секако бројот на вкупно заболени луѓе и не е најголем проблем, туку ако тоа се случи одеднаш со што ќе колабираат и најнапредните здравствени системи.
Седете дома, не ја кревајте паниката, слушајте ги препораките на здравствените власти и не верувајте на се што ќе прочитате на социјалните мрежи, овој пат ни треба навистина да имаме доверба во институциите. За волја на вистината министерот за здравство Венко Филипче покажа капацитет и лидерство во овие тешки мигови, ги презеде сите неопходни мерки и го постави патот за справување со пандемијата.
Затоа треба да се следат насоките на професионалците, и да не се користи моментот за добивање на политички поени, за влегување во деструктивност, обвинувања и подигнување на тензиите. Од трошење на енергија за партиски кавги не добива во овој момент никој, напротив може само да се предизвика дополнителен раздор од политички причини кој ќе ги ограничи капацитетите на институциите и целиот неоходен кадар кој треба да биде посветен на решенијата, а не на својата матична партија во безмислени игри и сплетки.
Погледнете го само примерот на Италијанците, кои и покрај најстрашната зараза во последните сто години достоинствено од нивните балкони ја пејат химната и националните песни, со развиерени знамиња и меѓусебно куражење и охрабрувања. За жал и кај нив препораките за самоизолација не беа сфатени сериозни, особено од страна на младата популација.
Помислата дека сте силни, здрави и дека корона вирусот може да го преживеете како и било кој грип е тотално погрешно. Слободното време не е за правење журки и собиранки по локали, бидејќи таквото неодговорно однесување ќе ги загрози директно вашите најблиски, баби и дедовци, мајки и татковци кои во услови на сеопфатна пандемија ќе бидат и најголемите жртви.
Не би сакале да излегуваме и ние на балконите и со песни да се куражиме, да истраеме и се храбриме во такви поразителни моменти со стотици жртви. Новиот Ковид19 вирус мора да се сфати сериозно, како една нова болест за која со оглед на тоа што не се поминати ниту три месеци засега не може да се знаат сите потенцијални опасности. На научниците од медицинската фела ќе им биде потребно време да ги соберат сите податоци и да креираат мапа на болеста, а потоа и евентуална вакцина или лек. Токму затоа споредбата на корона вирусот кој е речиси непознаница со веќе распространети и подолго присутни болести како инфлуенцата и други е тотално погрешна. Ваков вид на компарации се целосно неодговорни и создаваат лажна слика дека ширењето на Ковид19 и не нешто престрашно, дека е некаков вид на смислена манипулација, па дури и резултат на светски заговор.
Искористете го карантинот и изолацијата за повеќе едукација, за отворени и искрени разговори со вашите најблиски, со вашите родители, деца, сопружници.
Оваа криза ќе ја пребродиме заедно и ќе излеземе со важни поуки и научени лекции, дека модерниот свет не е имун на пандемии, дека јавното здравје е кревко и дека колективната опасност е голема, па така и неопходни се вложувања во медицината и превенцијата од заразни болести.
Х.С.