Неделен Фактор: Прегорен осигурувач
Глетката на
граничниот премин Табановце и организираниот топол пречек на македонските
граѓани кои се вакцинираат во Србија предизвикаа краток спој во жичките на тие
кои претходно ги предупредија дека се "предавници".
Навистина тешко е да си тврдоглав властољубец гледајќи му на поразот во очи,
како сопствената неспособност е засенета со избор, доволен за тие кои бараат
живо чаре за своето здравје, да го најдат во соседна држава, притоа славејќи
една година од членството во НАТО.
Како некој нема срам да ги обвини овие над две илјади македонски граѓани дека
го урнале достоинството на домашните институции, дека немале трпение и доверба
чекајќи ги вакцините. Ќе се стрпеле тие и во Македонија ќе се вакцинирале, кога
тогаш.
Македонците можат и да не вадат бугарски пасоши, да работат во македонските
хотели наместо да чистат соби во Германија, може да служат по скопските
кафулиња и ресторани наместо да мијат чинии во швајцарските, може да берат
праски во Росоман наместо малини во Италија, ама тоа што засега не можат е да
се вакцинираат во Македонија, а во Србија можат.
Е тоа е клучната разлика која апологетиве не ја разбираат. Овие луѓе одбираат
"српски" вакцини за своето здравје, единствени на располагање, тие ќе
се шетаат со зголемен имунитет помеѓу нас "непелцованите" и ќе го
намалат товарот за вакцинација потоа и на македонското здравство.
Но, не тие биле недостоинствени, го направиле Вучиќ лидер на Балканот, го
урнале кредибилитетот на македонските институции. Ало? Дај сменете ги
осигурувачите, пуштете светло, вратете се во реалноста, па и ние да видиме бел
ден од одговорни и способни институции.
А, кога сме кај одговорноста. Ај власта што можеби потфрли целосно во една
неизвесна и тешка ситуација кога цел развиен свет алчно ги трупа залихите на
вакцини за себе, туку што направи опозицијата во овој период. Да не случајно
беше конструктивна во Собранието, со мал исклучок на изгласаните мерки за помош
на граѓаните и стопанството. Ете вакцини нема, здравството е пред колапс, го
имаме најголемиот пик и можеби најопасниот сој КОВИД-19 досега, но каков
придонес даде опозицијата.
Кревање на теории на заговор малтене Масоните, Илуминатите и Трилатералата се
собрале за од настапот на Евровизија го уништат македонскиот идентитет. Озбилно,
со тоа ли се занимаваа вашите ботови на социјалните мрежи. Дека алката на
Гавранлиев била тешка провокација за македонската гордост, па уште и во прајм
тајм на "подмачканите" медиуми не убедувате дека пејачот имал снимено
само 9 песни во животот. Живи мајка!?
Ако тој "скандал" е банален (иако секако крив е Заев и СДСМ бидејќи
Струмица, ви текнува струмичка врска, бла бла бла), тогаш уривањето на
државните процеси секако ниту е песна, ниту е забавно да се следи.
Активираниот "panic mode" на опозицијата, обидот да се имитира
настапот на "електричниот" Апасиев значи да се баталат и државните
интереси. Груевски не успеа да направи попис. Зошто па сега тоа да му успее на
Заев. Па зарем по 20 години ние треба конечно да заличиме на држава која тоа
што ќе се нафати на крај и ќе спроведе. Но, полесно е во Белата палата да се
врти старата плоча, Албанците ќе направат фалсификат, Ахмети се договорил со
Заев, методологијата е погрешна, потписот во државна статистика е етнички врзан
...
Па зашто воопшто доволивте таков закон и таква методологија да поминат во
Собрание. Што чекавте, што не поднесовте 3000 амандмани како што направи
Алијанса за да ги оствари своите закони и барања. Ама не, сега добивте фаза,
сега ќе ширите албанофобија и патетики кои се повторуваат и повторуваат, а
решенија и конструктивност ни на повидок.
Одговорност, од сите. Зарем не ви е веќе мачно да продолжува овој
недостоинствен циркус, на ова меѓупартиско докусурување додека народот веќе и
нема надеж дека ќе заличиме, а само среќа да профункционираме како нормална
држава.
Осигурувачите одамна се прегорени, можеби време е да се смени броилото.
