Неделен Фактор: Ол инклузив хотелска понуда која не се одбива?
Хотелската коалиција сериозно му се заканува
на Мицкоски да го исели од Белата палата. ВМРО е сеприсустно, особено во
грандиозни барокни згради од каде се кројат идните чекори на опозицијата.
Иницијативата за свикување вонреден Конгрес по поразот на парламентарните
избори како и во претходните циклуси е доволно силна причина Мицкоски да стрепи
за својата позиција. Како што се очекуваше луѓето околу него силно го бранат и
сите напади ги оценија како резултат на наводната коалиција меѓу Мијалков и
Заев.
Но, што во меѓувреме прави некогашната алфа и омега со азилантски статус во Будимпешта? Најверојатно сега ужива во преписката со писма меѓу некогашните поддржувачи на Шарената револуција. Едниот му се извинува и го кани да се врати со велелепен пречек, другиот пак во негово име возвраќа дека доволно направил бербати.
Бар, да им пише едно писмо, или да испрати поздрав преку другар, со абер да остане Мицкоски или не? Или можеби пребегнатиот сонува дека ќе се врати на голема врата, со дочек, со возење со двокатен автобус без покрив преку Триумфалната до плоштадот ВМРО и право во Белата палата?
Хотелиерот, етаблиран бизнисмен, рехабилитиран како јавна личност и влијателен во најважните преговори дури и за новиот владин брак, со стратешкиот поглед преку плоштадот Македонија, можеби со мали пречки во видното поле од воинот на коњ, трпеливо го одбира новото "дете".
Формирањето влада е веќе завршена приказна, особено откако се одбраа сите чесни, непоткупливи и квалитетни кадри (читај меѓу нив и министри на Груевски и тие што правеа тепачки на Кале) време е да се види што имаат останатите актери во Собранието да понудат. Лидерот на Левица или како што некои го нарекуваат Кочо Рацин од Али Експрес веќе силно ја бранува јавноста.
До кога ЛГБТИ заедницата ќе простува? Откако му прости на Заев дека не може еден педер и еден суветен новинар да му ја рушат владата, сега ќе треба да му прости и на Димитар Апасиев, кој користејќи ја параболата на поранешниот и иден премиер од собраниска говорница каде го штити и пратеничкиот имунитет, посочи дека името било сменето педерски.
За волја на вистината вообичаените активисти за заштита на ЛГБТИ правата не се скандализираа од говорот на првиот социјалдемократ, но кога се во прашање настапите и говорите на новиот пратеник Апасиев можно е да удрат со сета сила.
Од утре секако ќе имаме нова влада, а можеби и започнување на процесот за избор на ново раководство на опозицијата, па ќе следиме кој прв ќе се чекира на рецепција или пак ќе се одјави тивко од собата без да пријави што испил и изел од "мини барот".
Христијан Станоевиќ