Економија, финансии, бизнис

Контакт

Неделен Фактор: Некои би и со Калаш по Балаш

Неделен Фактор: Некои би и со Калаш по Балаш

Чудно мириса на Балканов. Валканите фантазии на националистите стануваат се "почисти" срочени со перфидни и лукави обланди, кои пак гладниот народец лесно ги проголтува. Потребата да се ревидира историјата и минатото како патолошка опсесија е се повеќе доказ дека некој тука не гледа среќна иднина. Кога немаме убава перспектива за претстојната иднина, многу е полесно да го преживуваме минатото, некои етно-епохи во улога на жртви, некои во улога на победоносци.

Јас сум роден на залезот на Југославија, но таа држава ниту ја паметам ниту имам емотивна врска која би ми ја поматила перцепцијата. За мене не постои друга држава освен Македонија. Е сега ако овој дисклејмер е доволно јасен тогаш многу полесно би ги разбрале моите следни поенти.

Не можам да ја прифатам леснотијата со која некои градат политички кариери на антијугословенство. Таквата политичка понуда мене ништо не ме значи. Од една страна ми го урива институционалниот континуитет на воспоставувањето и етаблирањето на македонската држава, од друга како што кажав ништо Југославија не ми згрешила во текот на мојот тогашен бебешки живот за да ја мразам, ниту пак ми нуди јасна перспектива што би се постигнало со клоцање на мртвиот југословенски коњ.

Ако го тргнеме настрана институционалниот развој и континуитет, и ако не дозволиме политички манипулации за ревидирање на историјата кои се сѐ погласни од страна на Бугарија и од многу политички актери како од македонскиот така и од албанскиот политички блок во Македонија, тогаш може рационално и со емотивна дистанца да дебатираме и да се договориме што значи југословенското наследство.

Така мора да се дојде до општествен договор што значела југословенската власт за албанското население, што значела за вмровците, што значела за дисидентите, за автономистите, па дури и ако бидеме искрени и добронамерни еве и за тие што се декларирале како Бугари или биле блиски до идеите на тогашната бугарска држава.

И сите овие процеси колку и да се нормални во посткомунистичките европски држави, на Балканов се одвиваа валкано. Меѓу нив се протнуваа и воскреснувања на поранешните фашистички вооружени движења и сојузници на Хитлер, се релативизираше сојузништвото со тогашна нацистичка Германија, и се обезвреднуваа идеалите на сојузниците кои победија во Втората светска војна. Не може да ја бараш правдата за твоето жртвување со тоа што ќе уништиш некој друг или сопствените националистички амбиции ќе ги маскираш во некаков антикомунизам или заложба за "вистината за Југославија". Исто како што и југоносталгичарите не може да ги игнорираат фактите за проблемите и последиците кои тој систем ги создаде на Балканот.

Но, некои би и со Калаш по Балаш. Вакви легенди кога си заминуваат неизбежно е да се врзат со тоа што некогаш значела Југославија. За моите родители најверојатно онаа најубава помисла од нивната младост, епохата на нивната безгрижност, но сигурно и горчина како сето тоа го изгубиле преку ноќ, како ги преживеале војните, жртвите, страдањата, хаосот и распадот. За мене е загуба на мастрален автор, симбол на разум, мир и доблест.

Но, за националистите и популистите ништо не е свето, дури и на денот на неговото заминување. Тие со валканите агенди и оваа трагедија која е колективна на овие простори ја врзуваат во нивната ревидирачка мисија. Бил Балаш антиалбански настроен, песните потоа му ги пееле четниците, и разулавените орди на Милошевиќ, а генерацијата растена на неговата музика потоа тргнала да убива во граѓанските војни во Југославија. И сето тоа е базирано на полувистини и манипулации, на реакции кои се веќе колективистички и по автоматизам лесно е да се пука со такви куршуми.

Траумите кои ги споделуваме веќе со децении покажуваат дека имаме многу тригери на нашата несигурност. И реагираме на прва, заедно со етаблираните предрасуди и етноцентрични наративи, на тоа што ни е познато, на тоа што не прави безбедни во нашата непосредна околина.

Но, мора да оставиме простор и за емпатија, и за изблици и за сослушување на различните ставови и поттикнати реакции. Инаку, како би исчекориле напред?

Х.С.

Слично

Поврзани вести