Економија, финансии, бизнис

Контакт

Неделен Фактор: Многу победници, малку причини за славење

Неделен Фактор: Многу победници, малку причини за славење

Ако се одземат пратениците на БЕСА, се поништи Букурешкиот договор, се повтори Берлинскиот конгрес, се измисли временска машина, тогаш Христијан Мицкоски може да се прогласи апсолутен победник на изборите. ВМРО-ДПМНЕ и натаму има можност да формира влада, а шпиц кандидатот и професор на Машински да биде иден премиер. Но, тоа нема да го направи подобар лидер од тоа што е сега.

За прв пат по одржувањето на едни избори Мицкоски реши да не им честита ако на никој друг барем на граѓаните што излегоа да гласаат во време на пандемија со корона вирус и да остварат солидна излезност.

Мицкоски можеше да покаже многу поголемо лидерство, наместо да прогласува победа кај Македонците, бидејќи со вакви потези не ја издигнува партија над национализмот во кој е заглавена со години, ниту нуди можност за прогрес и создавање коалиција со албански партнер кој може да му обезбеди мнозинство и премиерски мандат.

Разбирливо, тој што нема доблест да се соочи со изборниот резултат, ќе треба да се соочи со внатрешниот притисок да ја напушти Белата палата. Повикот на Митко Јанчев можеби е избрзан бидејќи теоретски се уште има шанси Мицкоски да биде дел од новата влада. А, ако не успее во тоа, легитимно ќе биде внатре во партијата да започне процес на вистинско реформирање и наоѓање на ново раководство кое ќе биде обединувачко, модерно центар-десно ориентирано и посветено на евроатлантските интеграции. Втората клучна работа ќе биде расчистување со остатоците од Груевизмот и борба со криминалот и корупцијата во сопствените редови.

Само така ќе се надмине стравот кај многумина граѓани дека нема да се обнови режимот и дека ќе има каква таква шанса за воскреснување на македонските институции кои ќе го излечат колабираното општество.

Човек може да помисли дека ова ВМРО-ДПМНЕ не ни сака да дојде на власт, водеше погрешна и промашена кампања, дозволи да спадне ниско со објава на бомби и истовремено да му се налепи контра удар за криминално поведение токму преку разговорите на Кичевскиот кој ги изигрува перфидно сите.

Е сега, кога повеќе шанси им се даваат на социјалдемократите да формираат влада мора да се врати од кома критичката и прогресивна јавност. Истата таа која молчи за грешките на власта на Заев, а кубе коси, се треска од земја и поднесува кривични пријави за статус на новиот пратеник Апасиев. Ова лицемерие мора да престане. Не смее новата влада ако е предводена од Заев да продолжи да ужива во комоција, а ништо суштински да не реформира. Да продолжи да владее катастрофално лошо, да ги допартизира и онака метастазираните институции и да нема никаква визија како Македонија ќе се развива не само во наредните четири години туку и четири децении.

По разочараноста од шарените борци кои за една употреба добија државни функции без притоа да сработат ништо корисно и сега се со мртви политички кариери, дојде време за уште една сурова политичка реалност. Тоа е крајот на концептот "Едно општество за сите". Некои велат дека било добра глума, но безобразноста и дрскоста дека ДУИ не вреди ни пет пари, всушност го воскресна помалото братче на груевистичкиот режим.

ДУИ, повторно е главен фактор за составување на влада и по 18 години никако да биде казнет од страна на електоратот. Ако во 2016 години освоените 10 пратеници се должеа и на тоа што ДУИ предолго беше во бракот од интерес со ВМРО-ДПМНЕ, тогаш нивниот скок на овие избори е и последица на тоа што не може Заев или СДСМ повеќе да решава кој ќе биде фактор или не во албанскиот етнички и политички блок.

Реално ниту коалицијата со БЕСА не му донесе огромна полза на Заев. Да, доволно за да му ја плесне победата во лице на Мицкоски, но не доволно за да го пензионира ветеранот Ахмети. БЕСА секако, може да биде задоволна бидејќи без крилото на Африм Гаши направи и подобар скор од претходно и може да биде еден од клучните фактори во Собранието, дури и во една влада која ќе стои на стаклени нозе со минимално мнозинство.

Комбинации за трансфер на пратеници, праќање на позајмици и лов на народни претставници кои би го соблекле партискиот дрес прогласувајќи се за независни пратеници се возможни и тоа веќе и не би требало да не шокира.

Влезот на Левица во парламентот, дури и со исфорсирана патриотска или популистичка реторика, не треба да се доживува толку трагично. Токму ваквото хистерично гонење на Апасиев придонесува за негова факторизација. И некој тоа можеби добро го пресметал, ако тој продолжи да освојува протестни и десни гласови, а за штета на ВМРО-ДПМНЕ и не толку на сметка на СДСМ може и да продолжи ова гонење кое ќе придонесе за негова факторизација и стигнување до неговата цел, двоцифрен број на пратеници на следни избори.

Кој и да прогласува победи, видливо е дека и двата најголеми партиски блокови добија значително помал број на гласови од вообичаено. Граѓаните ја прифатија понудата на помалото зло, со веќе и изгубена надеж дека не само што поголемото зло некогаш ќе биде вистински казнето, туку и дека помалото зло ќе биде комотно да го одржи ова неподносливо статус кво.

Овие избори покажаа и дека е рано за црвен картон на некоја од партиските фиксови, дека нивниот легитимитет се топи како што бројот на гласови им изнесува по околу 300 илјади со тенденција да се топи дополнително.

Но, целото наше опкружување, турбуленциите и можните социјални изблици на незадоволство, како и регионалните опасности, треба да бидат доволен знак на предупредување на двоглавата, заглавена до кал, македонска елита дека промени се сепак, возможни.

Христијан Станоевиќ

Слично

Поврзани вести