НЕДЕЛЕН ФАКТОР: Дрва едни нездрави
Во Скопје научниците допрва ќе го
истражуваат големиот феномен. На улицата Орце Николов се откриени дрва без
корен. Дрвата магично стоеле исправени без ништо да ги држи во подножјето на
кое се насадени.
Ете баш на овој начин бесот на граѓаните го оправдува власта. Бруталното
расчистување на улицата Орце Николов било всушност за доброто на сите, а не
намерно да се исечат дрва стари неколку децении кои се таму насадени за да
спречат топлотни удари и неподносливост во дишењето.
Колку треба да си политички неписмен, и истовремено бесрамен за на својот
профил објавиш слика од масакрирани дрво и кренат палец во знак на допаѓање.
Акцијата е успешна, нема потреба научниците да доаѓаат во експидиции. Дрвата
биле нездрави, без корен и без потенцијал врз нив да се паркираат автомобили на
центарци.
Што ги е... ќе ги сечам, па нека има уште десетина нови паркинг места, мора
партиската војска во ПОЦ да живее од нешто.
Него некој ќе се запраша ли каде се "паркобраните" да се
скандалазираат од се почестите испади на локалните власти, нивното урбанистичко
самоволие и продолжување на истата бетонизација и терање бизниси со урбаната
мафија.
Искрено никој не ни очекуваше да се јават "загрижените" граѓани со
некаков укор или можен протест и блокади, гушкање на дрвата на Орце Николов и
подигнување камп на скопските херои кои за жива глава не го оставаат својот
град на походот на профитерите.
Тоа што повеќе навредува е помислата дека оваа власт ќе биде нешто поразлична.
Дека нема да прави зелени масакри далеку од очите на јавноста, скришум и
молчечкум. Дека прво ќе праша како и кога да презема зафати на отстранување на
дрва и дали е тоа апсолутно неопходно, наместо да нанесува ненадоместлива
штета.
Навредува и апологетството кое се шири како зараза. Наводно и самите граѓани со
воодушевување ја поздравиле акцијата на сечата на дрва, им сметале на терасите
и прозорците. Озбилно? Ви сметале дрвата? Епа уживајте сега во пеколот на плус
50 степени. Сега ич нема да ви сметаат дрвата кога ќе си одите до дома, кога
чевлите ќе ви се стопат на вчештениот асфалт, ич нема да ви смета кога ќе
задушувате од издувните гасови на вашите автомобили паркирани на тазе
обележаните места.
Тоа се првите сериозни знаци дека власта формира нов режим на владеење. Прво
прави спин и дебилен изговор за самоволието, а потоа наоѓа апологети кои не
само што не се скандализирани туку и се егзалтирани од глупоќата на нивните
властодршци. Ма се нека се исече.
