Неделен Фактор: Дома си е дома и во Германија. Pse Jo?
Промашената кампања за промоција на туризмот
во Македонија и не е така голема брука и срамота. Дури би рекле дека е и
погрешно разбрана, но брзината на истурањето на гневот на социјалните мрежи можеби
и ја скри вистинската порака. Па добро бе луѓе, разбирливо е да се искористи
слика од езеро во Германија. Дома си е дома, тоа важи за илјадници млади кои си
избегаа од земјава, а и за илјадници други за кои сон е во Германија да се
иселат и да речат - Е, тука дома си е дома.
Властите очигледно никако не може да излезат на крај со сликите предвидени за социјалните мрежи. Тоа на своја кожа го прочистува и големиот визионер, најевропскиот космополитски политичар во нашата историја, Бујар Османи. Аман зошто сме толкави сеирџии, човекот ни ги отвори вратите во ЕУ, добро кога навистина датумот за датум за започнување на преговорите за преговарање за влез за членство за пристапување во Европската Унија ќе пристигне. Но, овој велелепен примерок на политичката сцена имаше уникатна, дури и света можност да добие благослов за европско членство од самиот Папа. И тој благослов од Понтифот, Бујар убаво го слушна дури и трето уво му изникна на главата.
Psë Jo? Навистина. Зошто новиот премиер по можност припадник на албанската етничка заедница да не биде предложен од ДУИ. Не знам, можеби затоа што ДУИ ги окупираше институциите со кои владееше со верна партиска војска, што беше помалото братче во режимот на Груевски, што мислеше само на тендери и лични богатства додека во Тетово нема јавен превоз и се создадоа диви депонии, затоа што Чаир е пред инсфрактурен колапс со најгусто население. Ајде зошто да не биде следниот премиер Албанец под контрола на ДУИ, националисти едни, да не се гледало ич напред.
Не им веруваме на политичарите, на фотошопираната реалност која се обидуваат да ни ја претстават и продадат приказната дека состојбата со корона вирусот е под контрола. Државните функционери, службеници и административци не се откажаа од своите плати, ниту прифатија да одат на минималец. И сега кога кризата е тешка, кога буџетот тешко се полни, кога здравството е пред колапс Нина Ангеловска министерката која е директно под притисок, бара од нас да бидеме солидарни и да донираме средства.
Човечното во нас ќе укаже дека треба да сме обединети и солидарни. Но, освен нашите даноци, зар треба и уште средства да издвојуваме со кои ќе располагаат овие институции во кои немаме грам доверба?
Да не се навраќаме премногу наназад со сите коруптивни сландали, еве доволна е поделбата на половина милион евра за наводни проекти на невладини организации кои од самиот НВО сектор беа жестоко искритикувани.
Како ќе се трошат и за што ќе се трошат парите од солидарниот КОВИД-19 фонд?
На кампањи за домашен туризам кои се невидена брука и за кои и натаму нема никаква поднесена одговорност. За функционирање и плаќање на административците од кои добар дел и натаму се дома и ништо не работат, за фирмите блиски до власта кои иако се многу моќни земаа субвенции вредни милиони? Ако ви се донира слободно.
Допрва ќе треба да си ја чуваме енергијата, како во преземање на сите мерки за себезаштита од пренесување на корона вирусот, така и со сите глупости и сплетки кои ќе ни ги сервираат македонските политичари. Чувајте се!
Х.С.