Неделен Фактор: 15 фамилии, шпанска корона серија
Ако "Династија" беше првата зараза со сапунските серии за македонските гледачи, тогаш новата корона серија сосема разбирливо е зошто е толку многу "популарна".
Немојте да паничите, целокупната заразата со корона вирусот во земјата се должи на 15 династии, големи македонски фамилии. Очигледно станува збор за долги семејни лози, од поблиску до подалечно колено. Ние сме сепак, традиционално општество, не е ништо чудно ако короната остане и се шири во фамилијата, поточно во овие 15 династии.
И кога имате толку голема фамилија разбирливо е да сте катаден заедно. На мекици, свадби, крштевки. Кога се резервира во кафана веќе нема потреба и да се наведе точниот број на гости.
- Резервирај ми еден кластер, па нека доаѓа финансиска полиција да не проверува со ДНК тестови за крвно сродство, хеххехе.
Затоа не кревајте многу џева што Мицкоски бил во затворен дел од кафана. Ниту бил со членови на фамилија, ниту го понел цел кластер со него, ниту пак ги знаел мерките. Што има лидер на опозиција кој треба постојано да ги критикува мерките на владата да ги познава истите, тие се лоши, несоодветни, недоволни и погрешни, па ниту тој не може да постапува по нив, крај на дискусијата.
Споделената корона полесно се шири, нема место за паника за сите оние кои не се роднини со припадниците на династиите.
Како такви, угледни, моќни, богати и не треба од нив да се бара точно да кажуваат во клиники и болници дека имаат заболен член во семејството со КОВИД-19. Зарем не е доволно да се "забавуваме" со обидите да погодиме од која династија доаѓа фамозната родилка. Моќно семејство на бизнисмени, угледни и видни граѓани на ова општество. Како воопшто некој се осудил на гинекологија да заведе изјава за контакт со заразено лице. И како во сценаријата на сапунските серии тој документ и мистериозно ќе исчезне од гинекологија.
Yo soy tú madre, ќе извикне некој во корона кулминацијата. За некои државата е Madre, за некои злобната маќеа од шпанската серија која ќерката на богата династија ја претвора во слугинка.
Но, како и секој добар пресврт, правдата доаѓа! Хахаха, абе да веднаш ќе дојде. Жалиме но, таков херојски подвиг кога угнетениот но, чесен лик успева да се издигне од неправдите кај нашата шпанска серија тешко дека ќе видиме. Моќните и богатите па дури и тие од лекарската фела ги покажаа своите вистински улоги, заќутување на колеги и закани за откази затоа што сакаат јавно да откријат дека нивна директорка е заболена веќе видовме на почетокот на пандемијата. Семејни масовни прослави на медицински лица исто така веќе видовме.
И после се чудиме зошто НАРОДОВ е непослушен, нема почит кон институција и авторитет и ако треба и за инает ќе ги прекршува мерките. Што има мене да ме казнуваш, оди казни ги тие и тие. И такви паралели и изговори можеме да делиме до следната епизода.
Дневно до 200 заразени и речиси десетина починати. Се надеваме дека трејлерот за оваа "проксима капитула" нема да се реализира. Но, како да го смениме сценариото?
Х.С.