„НЕ ВЕРУВАМ ВО БРЗИ ПРИКАЗНИ И ИНСТАНТ УСПЕСИ, ТУКУ ВО БАВЕН И СТАБИЛЕН РАСТ“ - гледајте го Бобо Дајнерс во целиот поткаст „Бизнис муабети“ на Фактор
Малкумина во Македонија не го познаваат Божидар Јанковски, долгогодишен директор, а од пред неколку години и целосен сопственик на Дајнерс Клуб Интернационал. Покрај тоа што е исклучително популарен и успешен бизнисмен, познатиот Бобо Дајнерс важи за еден од најурбаните, но и најдобро облечените скопски ликови.
Ексклузивно за поткастот „Бизнис муабети“, кој се емитува на нашиот портал Фактор, Јанковски ја раскажа својата деловна, но и животна приказна, во која открива многу интересни детали. На пример, дека имал и тешки моменти во животот, а одредени бизниси и пропаднале, но тој продолжувал понатаму.
На прашањето на нашиот водител Мишко Иванов, кога тој влегува во Дајнерс, колку корисници имале, познатиот бизнисмен со интересен одговор.„Мојот омилен писател Маркез вели - не е битно што се случило, битно е како се сеќаваме на тоа што се случило, и како другите се сеќаваат на тоа. Многу прецизно не паметам, а дури и не робувам на тоа, мислам дека сме имале некои две или три илјади, или 1.500 картички. Денеска се 15 илјади картички. За некого се многу, за некого се помалку после 25 години од почетоците. Нашата стратегија е тоа да оди пополека, но сигурно. Во тоа време тие 1.500 картички можеби значеле повеќе од овие сега, можеби, не знам, не се споредуваат. Во овој момент би сакале да имаме 17, 18 и до 20 илјади, и ќе ги имаме сигурно, и 20 илјади за неколку години. Но, јас длабоко верувам во стабилен раст, значи бавен и стабилен раст. Не верувам во брзи приказни, во инстант успеси. Тоа постои, има такви случаи, но тоа не се генерални успешни приказни“, вели ексклузивно за поткастот „Бизнис муабети“ овој деловен човек.
Откако тој е во „Дајнерс“, повеќе од 20 години, Бобо открива дека компанијата постојано работи профитабилно.
„За промет е беспредметно да се зборува, но можеме да зборуваме за профит. Дајнерс клуб, откога сум јас, нема година која компанијата не ја завршила со профит. Некогаш со поголем, некогаш со помал. Профитите се движат од 100 илјади, 200, 300, па до 400 илјади евра годишно, и така натаму“, открива овој бизнисмен.
Тој не се срами да каже дека имал и многу тешки моменти, во кои во прашање била доведена дури и егзистенцијата.
„Јас имам една биографија, според која неколку пати сум пропаѓал. И јас не се срамам од тоа. Не се срамам од тоа да кажам дека сум имал свои тешки моменти. И не сакам да звучи ова дека се жалам, но ми била доведена во прашање егзистенција. И на кого тогаш да се жалам. На татко ми, кој бил во Филхармонија, или, пак, на мајка ми, која работеше како новинар, а потоа и како службеник во министерство. И, што да им кажам - еј, види, ни пропадна бизнисот, сега јас имам проблем, и сега што ќе правиме“, објаснува Јанковски.
Да не должиме, овде можете да го погледнете целиот поткаст „Бизнис муабети“ со познатиот бизнисмен Божидар Јанковски.
