НЕ СУМ БРЕД ПИТ, АМА СЕ СНАЈДОВ - Снимен е документарен филм за легендата Дарко Панчев
„Патот на Кобра до ѕвездите“, ова е насловот на документарниот филм посветен на најголемото фудбалско име во македонската историја, Дарко Панчев.Под генерално покровителство на Универзитетот за туризам и менаџмент, сега со ново име Универзитет Скопје, овој филмски документ со историска вредност за македонскиот спорт е во организација и копродукција на Спорт клуб телевизија, Спортско радио 90,3 и Спорт нетворк продукција.
Не сум Бред Пит, ама се снајдов солидно во снимањето, изјави Панчев на денешната прес-конференција за документарниот серијал.
„Филмот е производ на нешто што си направил. Без тоа, не може да се направи филм. Во која било дејност вие може да бидете и да имате среќа да направите огромно богатство. Но, ако немате од аспект на тоа што да се покаже во филмот, не може да го направите филмот. Така да, гледајќи од таа гледна точка, секако дека е на некој начин круна на кариерата“, одговори Панчев на прашање дали тоа претставува круна на неговата кариера.
Тој откри дека се работи и на автобиографска книга, што треба да излезе за неколку месеци.
– Таа може да биде интересна за некој друг, кој можеби ќе направи игран филм. Нормално, не со мене, туку со прави глумци – додаде Панчев.
Радован Максимовиќ, директор на „Спорт нетворк“ и регионален претставник на „Спорт клуб“, појасни дека планирано е целиот серијал да биде готов до средината на јули и да почне емитувањето од есен.
Александар Станковиќ од „Спорт нетворк“ кажа дека се снимало на неколку локации во Скопје.
– Почнувајќи од старата населба на Дарко, местото каде што е роден и пораснат, Кисела Вода. Снимавме на националниот стадион „Тоше Проески“, во националниот театар, во центарот на Скопје, на универзитетот… во Белград исто така на повеќе локации, потоа во Загреб, во Сараево, Подгорица, Букурешт – откри Станковиќ.
За продуктот со наслов „Патот на Кобра до ѕвездите“ на прес-конференцијата во Универзитет Скопје, зборуваа и ректорот, професор доктор Аце Миленковски, како и директорот на Спортско радио, Тони Митев.
Филмот ќе се емитува во понеделник во хотелот „Александар Палас“.
„Историја испишуваат многу луѓе, јас сум почестен што заедно со Дарко Панчев создадовме документарен филм за идните генерации. Ова е филмски проект за македонската спортска историја. Дарко Панчев е македонска ѕвезда, кој ја заслужува целата слава“, порача ректорот проф. д-р Аце Миленковски.
„Патот на Кобра до ѕвездите“ е филм за подемот на македонскиот спортски бренд Дарко Панчев до европскиот и до светскиот трон. Панчев е еден од најдобрите голгетери на светот во осумдесеттите и на почетокот на деведесеттите години на минатиот век и еден од најпознатите македонски спортисти во историјата. Тој е носител на Златната копачка за најдобар стрелец во Европа и на Сребрената топка за најдобар фудбалер. Прогласен и за фудбалер на Македонија на 20. век, вистинска гордост на македонскиот спорт.
„За мене е секако чест и задоволство што кариерата ќе ми биде претставена и на ваков начин на филмско платно. Ми беше задоволство да соработувам со продуцентите на филмот, и се надевам дека ќе ѝ се допадне на целокупната македонска и балканска јавност“, истакна Панчев.
Од Спорт клуб рекоа дека создале филм за детството на Дарко, неговиот раст и фудбалски развој за патот до успехот, и не само според неговите сеќавања, туку и сеќавањата на многу други личности, негови блиски и од неговото окружување.
„Дарко е многу благодарен соговорник, но и многу незгоден затоа што се сеќава на многу детали. Просто е неверојатно како Дарко се сеќава на сѐ од неговата фудбалска кариера, затоа и со самото тоа ни беше навистина лесно, но во исто време малку и понапорно да собереме сѐ на едно место, и во секој случај, да создадеме, мислам, навистина прекрасен документарен филм, кој засекогаш ќе сведочи за една големина каква што е Дарко Панчев“, истакнаа од Спорт клуб творците на документарниот филм за македонскиот фудбалер на векот.
Филмот, преку гостувања на истакнати спортски и јавни личности, како и на самиот Панчев, ја раскажува неговата животна приказна на фудбалските терени, до врвот на светскиот фудбалски трон. Снимањето е направено на повеќе локации во Скопје, Белград, Сараево, Загреб, Букурешт, Подгорица, во времетрање од два месеца со повеќе од 40 личности од светот на фудбалот, културата и од јавниот живот.
