„Не смееме да чекаме трагедија за да покажеме солидарност“: Петровска нуди помош за Меланија и целото семејство
По објавата на социјалните мрежи од девојката од Куманово која јавно побара помош да биде хоспитализиран нејзиниот татко алкохоличар во психијатриска установа, помош понуди пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска.
Во објава на социјалните мрежи, Петровска посочи дека заедно со нејзинот тим ќе најдат безбедно сместување за Меланија и нејзиното семејство.
- Со огромна загриженост го следам случајот на Меланија од Куманово, која јавно побара помош за себе, својата мајка, баба и братот со церебрална парализа.
Сакам јавно да порачам дека мојот тим и јас стоиме на располагање.
Ќе помогнеме да се обезбеди привремено безбедно сместување за Меланија и нејзиното семејство. Воедно, ќе се обратиме и до општествено одговорни компании, организации и хумани луѓе за да обезбедиме подолгорочна поддршка и достоинствени услови за нивното секојдневие.
Не смееме да дозволиме никој да остане сам кога бара помош. Не смееме да чекаме трагедија за да покажеме солидарност.
Очекувам надлежните институции да преземат сè што е потребно за да го заштитат ова семејство и да спречат каква било можност за ново насилство. Заштитата на жртвите мора да биде над сè.
Меланија, те молам контактирај ме преку Фејсбук веднаш штом ќе го видиш овој статус. Сакам лично да разговараме и веднаш да почнеме да организираме конкретна помош за тебе и твоето семејство. Нема да дозволиме оваа борба да ја водите сами.
До Меланија и нејзиното семејство – не сте сами. Ќе останеме со вас и ќе помогнеме колку што можеме, сè додека не бидете безбедни - нагласи Петровска.
Инаку вчера, откако викендов во медиумите беше „крената“ врева за овој случај, беше објавено дека најпосле е најдено место за хоспитализација на таткото на Меланија.
Слично
