Не смее да се објави извештајот за тепачките во притворот, не е јасно кој започнал вербална расправија
Министерството за правда преку Управата за извршување на санкции соопшти дека од безбедносни причини не може да се објави целосно извештајот на Истражниот затвор Шутка за неодамнешните два инциденти во кој за кусо време беа нападнати поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски како притвореници.
Во нивниот сопствен записник за настаните на 21 февруари се вели дека останува нејасно кој ги започнал вербалните провокации затоа што сведоците биле поделени во нивните тврдења. Разговор со инволвираните притвореници не е извршен бидејќи надзор над истите врши претседателот на надлежниот првостепен суд.
„Согласно проценката на сите параметри кои се однесуваат на ризикот при сместувањето на лицата во притворот, заповедникот заклучил дека овие притворени лица нема да имаат никакви проблеми во просториите во кои се сместени. Претходно, притворениот М.Ј бил сместен во просторија која на шеталиштето се среќавала со просторија во која престојувало едно лице осудено во кривичниот предмет „Диво Насеље“ и во текот на претходно изречениот притвор, немало никаков никаков проблем во текот на нивните средби.
Првиот настан се случил околу 11.10 часот – инволвираните во инцидентот биле спречени и разделени и од другите притвореници и од страна на затворската полиција.Лицето С.Р. побарало средба со својот адвокат и одбило да биде однесено на преглед во болница. Во 14 и 12 минути, се случува вториот инцидент, но овој пат останатите притвореници не реагирале и не помогнале да прекине инцидентот, туку стоеле настрана. Инцидентот бил веднаш прекинат од страна на затворската полиција“, се вели во записникот на Управата.
Поради овие инциденти директорот на Управата за извршување на санкции до притворот доставил препораки во кои се бара да има соодветна одговорност за сите оние службени лица од затворот кои допуштиле вакво сценарио.
„Одговорност мора да има, а според нашите сознанија, во КПУ Затвор Скопје веќе се почнати постапки на поведување дисциплинска одговорност. Исто така, упатени се и препораки за зголемување на безбедноста на затворот.“, се вели во соопштението од Министерството за правда.
