Економија, финансии, бизнис

Контакт

„НЕ СМЕ ТЕЛЕФОНСКИ ОПЕРАТОРИ“ – ЛЕКАРИТЕ РЕВОЛТИРАНИ, ПОСТАРИТЕ ПАЦИЕНТИ ЗБУНЕТИ: Како ќе фунционира новината во „Мој Термин“

„НЕ СМЕ ТЕЛЕФОНСКИ ОПЕРАТОРИ“ – ЛЕКАРИТЕ РЕВОЛТИРАНИ, ПОСТАРИТЕ ПАЦИЕНТИ ЗБУНЕТИ: Како ќе фунционира новината во „Мој Термин“

Новината воведена вчера во системот „Мој Термин“ предизвика големо незадоволство кај лекарите, кои велат дека дополнително им ја усложнува работата и го оптоварува процесот на прегледите. Станува збор за обврската пациентите при посета на лекар да мора да го ажурираат својот телефонски број, да добијат верификациски код преку СМС порака и потоа лекарот да го внесе во системот. Министерството за здравство оваа промена ја оправдува со подобрување на достапноста до здравствени услуги и намалување на бројот на пропуштени прегледи, но лекарите и пациентите реагираат дека мерката е нефункционална и дополнително ги оптоварува. 

„Се создаде голем револт кај сите лекари – матични, специјалисти, интернисти, стоматолози, гинеколози – значи кај сите, поради оваа новина. Утрово имаше новина воведена од страна на ‘Мој Термин’. На секој пациент како ќе влезе, мораше да им ги ажурираме телефонските броеви, да им пуштаме порака, па да се добие верификационен код, па да се внесе тој код. Лекарите не ја гледаат логиката во сето ова, бидејќи станува многу комплицирано. Пациентите често менуваат телефонски броеви, доаѓаат и деца чии родители работат во разни погони каде што едноставно не смеат да ги користат телефоните. Без разлика што детето ќе го каже телефонскиот број на својот родител, тој од работа не може да го каже верификациониот број. Има многу постари пациенти кои немаат мобилни телефони, па нивни блиски комшии преку фиксни телефони ги замолуваат матичните лекари за што и да е. Ние треба да лекуваме, да укажеме помош, да извадиме крв, да дадеме инфузија, не сме телефонски оператори“, изјави за Фактор д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари. 

Револтот го споделуваат и дел од пациентите. 

„Јас немам мобилен телефон, ништо не разбирам од тие работи. Кога одам на доктор, сакам да ми дадат терапија, не да се мачам со некакви кодови, посочува, пензионер од Скопје. 

Сличен став има и една пензионерка од Скопје, која вели дека има мобилен телефон, но го користи само за да се слушне со семејството. 

„Телефонот го употребувам само за борување. Знам само да заѕвонам на синот или снаата, а секако и да одговорам ако тие ме бараат, но за друго не знам да го користам телефонот. Ако немам некој да ми помогне, како ќе се снајдам со оваа нова обврска?“ прашува таа. 

Од Министерството за здравство велат дека новиот систем ќе стане задолжителен во наредниот период, но ќе има одредени исклучоци – за итни случаи, изнемоштени пациенти и деца, како и можност еден број да се користи за повеќе пациенти. Верификацијата ќе биде еднократна, при првата посета на лекар. 

Оваа мерка има за цел да обезбеди пациентите навремено да добиваат известувања за закажани термини и други здравствени услуги, со што се намалуваат пропуштените прегледи и се оптимизира функционирањето на здравствениот систем.

Во моментов, процесот сè уште не е задолжителен, но во наредниот период ќе стане обврска при посета кај матичниот лекар. Сепак, системот предвидува исклучоци во одредени случаи:

Итни медицински случаи – внесување во системот без верификација.

Деца и изнемоштени лица – можат да бидат верификувани преку друго лице (еден телефонски број за повеќе пациенти).

Корисници на мобилната апликација Мое Здравје – можат самостојно да ја завршат верификацијата, без вклучување на матичниот лекар.

Важно е да се нагласи дека верификацијата се прави еднократно, што значи дека пациентите треба да го потврдат својот телефонски број само при првиот преглед. Оваа промена се базира на анализи кои покажаа дека значителен број пациенти не се појавуваат на закажаните термини поради неажурирани телефонски броеви. На пример, повеќе од 50% од пациентките со закажани прегледи за дојка не се појавиле, со што биле изгубени термини кои можеле да бидат искористени за други пациенти.

Министерството за здравство и Управата за електронско здравство остануваат посветени на подобрување на пристапот до здравствените услуги и зголемување на ефикасноста на системот, при што сите чекори ќе бидат преземени со соодветна адаптација и исклучоци за категориите пациенти на кои тоа им е потребно.

Анита Буховски


Слично

Поврзани вести