НЕ СЕ САМО ДВАТА ПОТПИСИ: Кондарко вели дека има и други услови за независните
Не се само двата потписи, има и други законски услови кои треба да се исполнат за да се учествува на изборите, вели претседателот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко во интервју на Радио Слободна Европа.
„Има шпекулации што би можело да се случи. Не би било добро да се коментира однапред, останува да се види постапката околу формалниот дел за поднесување на кандидатски листи трае. Единствен услов не се само најмалку два потписи за поднесување на листа, во услови кога тоа прашање не е регулирано од страна на Собранието, ДИК согласно член 31 став 2.2 има обврска да донесе правилник за регулирање на постапката за поднесување на кандидатски листи, односно потписи за независните кандидати, за група избирачи. ДИК тоа го направи. ДИК со тоа упатство не излезе надвор од законот, туку ја прилагоди на конкретната ситуација.“ рече Кондарко.
Прашањето околу потписите не беше непознато и не се појави сега по распишувањето на избори, тоа беше познато уште во мај, по одлуката на Устваниот суд, вели Кондарко и додава дека во услови кога постои правото загарантирано во законот на учество на група избирачи, ДИК не може да го ускрати учеството на оваа категорија учесници во изборниот процес и тој процес мора да тече.
„Со оглед на постоењето на правото во член 60 и постоењето на постапката за собирање потписи, односно рокот за собирање потписи предвиден во член 63, кои се активни чинови во изборниот законик, ДИК постапи онака како што постапи. Тоа прашање е затворено. Реков, има и други услови кои треба да се исполнат, да видиме дали учесниците во изборниот процес ќе ги исполнат сите други законски услови. Значи не се доволни само два потписи, потребно е нашето упатство – подзаконски акт кој ја олеснува процедурата и еден вид водич за административно техничкиот дел на пополнување на сите оние обрасци кои ги има донесено ДИК и кои ќе им овозможат нивно легитимирање пред изборните органи, односно да им биде потврдена листата“, потенцира претседателот на ДИК.
