Не се брза со назначувањето директори од ВЛЕН во градските претпријатија на Скопје
Јавните претпријатија на Градот Скопјe без назначени директори ќе останат обезглавени и по празниците на крајот од годината. Градоначалникот Орце Ѓеорѓиевски рече дека се во фаза на избор на директори со коалициските партнери од ВЛЕН.
„Процесот на интервјуирање на преостанатите вработени, кои би можеле да бидат потенцијални нови директори во преостанатите претпријатија како што се „Паркови и зеленило“ и останатите, е во завршна фаза. Нашите коалициски партнери исто така учествуваат во целиот овој процес.Во претстојниот период, мислам дека по празниците овие процедури ќе бидат завршени, а за сè друго, знаете дека сум отворен за јавноста и ќе бидете информирани за истото навремено“, рече денес Ѓеорѓиевски.
ВЛЕН вели дека досегашните назначувања не се конечни, туку само вршители на должноста.
„Именувањата што се случија досега се само како вршители на должноста и кога ќе има политички договор меѓу коалицијата ВЛЕН и ВМРО, имињата што коалицијата ВЛЕН ќе ги предложи, а кои ги исполниле условите според договорот, ќе ги заземат своите места во тие претпријатија. Причините за доцнењето на одредени назначувања се затоа што внимаваме Албанците од Градот Скопјe да имаат најдобра можна застапеност и поради оваа причина не брзаме со назначувањата, бидејќи сакаме да имаме најдобар можен договор, за да имаме достоинствена застапеност и да не се повторат проблемите што беа присутни во текот на изминатите 4 години“, велат од коалицијата ВЛЕН.
