Не сакаме зелена гасна централа, екологистите против: Заев уверува дека отпадот ќе прави чиста енергија
Премиерот Зоран Заев тврди дека станува збор за сосем еколошки проект, но невладините организации не се согласуваат. Заев беше вчера на дебата за отворањето на фабрика за преработка на отпад во Неготино организирана од Општината и во соработка со граѓанските и организациите за животна средина. Рече дека оваа инвестиција која е дел од Интервентниот план за инвестиции 2021-2027 на Владата. За Заев овој проект претставува целосно и трајно решавање на отпадот на 74 отсто од територијата на државата. Станува збор за целосно странска приватна инвестиција, преку компанијата „Зока Енерџи Солушн“ - Неготино, по пат на Законот за стратешки инвестиции.
„Како дел од Интервентниот план за инвестиции 2021-2027 на Владата на Република Северна Македонија е инвестицијата во енергија од отпад, односно строго еколошка инвестиција без систем на издувни гасови, односно преку затворен систем без оџак, на која и претходат селекциони или сепарациски опреми за примарна селекција на отпадот. Нагласувам станува збор за технологија која не го согорува отпадот па од него да се создаваат емисии на штетни гасови. Не, високите температури во печките го претвораат веднаш отпадот во гас кој потоа се користи за придвижување на гасни турбини за производство на електрична енергија, малку од отпадот што останува како цврста материја се употребува како материјал во градежната индустрија“, истакна премиерот Заев.
Станува збор, рече премиерот Заев, за иновативна технологија којашто доаѓа во нашата земја и фабриката што ќе биде изградена со оваа инвестиција не претставува никаква закана за почвата, за воздухот, за водата, а во постапката за изградба ќе бидат спроведени сите законски обврски и ќе бидат запазени сите пропишани стандарди за заштита на животната средина.
Проценетата вредност на капиталот што ќе се инвестира од страна на Стратешкиот инвеститор изнесува 336, 6 милиони евра.
Претседателот на Здружението на граѓани, „Ековита” од Неготино, Сашко Тодоров рече дека се против најавената стратешка инвестиција.
-Не сакаме т.н зелена гасна централа која ќе согорува комунален отпад, на неготинци не им треба таква енергија од отпад, вака се изјаснија и тие што ги анкетиравме во градот и две села, истакна Тодоров.
Тој рече дека според информациите со кои располагаат, од најавената инвестиција во Дуброво за горење на комуналниот отпад, се очекувало да се собираат и третираат помеѓу 700.000 и 1 милион тони годишно отпад, во срцето на Тиквешијата. Но, нагласи, има голем проблем тука, од податоците на Заводот за статистика за 2020 година, од пет плански региони или 48 општини, се собира само 334 404 тони комунален отпад, или во цела Македонија се собира вкупно 630 096 тони отпад. Постои опасност, инвеститорот за да ги задоволи своите потреби на централата, милион тони годишно отпад, да увезува отпад и тоа ќе го чини многу поевтино отколку да го собира и селектира од Македонија. Градот на грозјето ќе биде град на отпадот, рече претседателот на „Ековита”.
